Арагчи: САД и Израел би биле „луди“ да ги нападнат нашите нуклеарни постројки
- Тој смета дека САД и Израел нема да го направат „тоа лудо нешто“, бидејќи тоа би го довело целиот регион во „голема катастрофа“.
Техеран, 28 јануари 2025 (МИА) - Иран предупреди дека нападот на САД и Израел врз неговите нуклеарни постројки ќе биде „лудост“ и ќе предизвика „голема катастрофа“ за регионот, објави Скај Њуз.
Предупредувањето уследи по првото интервју на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Во интервју за споменатата медиумска куќа во Техеран, Арагчи го критикуваше американскиот претседател за предлогот за „преселување“ на Палестинците од Газа, предлагајќи Израелците да се преселат на Гренланд.
Арагчи во интервјуто рече дека Иран јасно ставил до знаење дека секој напад врз неговите нуклеарни постројки ќе биде проследен со „моментален одговор“.
Меѓутоа, тој смета дека САД и Израел нема да го направат „тоа лудо нешто“, бидејќи тоа би го довело целиот регион во „голема катастрофа“.
Иран тврди дека неговата нуклеарна програма е мирољубива и за цивилни цели, додека Западот, особено САД, верува дека Иран збогатува ураниум за да произведе нуклеарно оружје.
Откако Трамп во 2018 година ги повлече САД од нуклеарниот договор Иран продолжи со збогатување ураниум.
Арагчи рече дека ќе биде потребно многу повеќе од „убави зборови“ за Иран да ги рестартира преговорите со САД за нов договор, со оглед на тоа што се случи со претходниот.
Зборувајќи за ситуацијата во регионот, Арагчи призна дека сојузниците на Иран, како Хамас и Хезболах, се ослабени.
Од друга страна, додека иранските граѓани се надеваат дека договорот со Западот може да доведе до укинување на санкциите и подобрување на економската ситуација, инфлацијата во Иран се проценува на 50 отсто, невработеноста кај младите е приближно 20 отсто, а валутата е на рекордно ниво, пишува Скај Њуз.сд/
фото:МИА архива