• сабота, 23 ноември 2024

АПИС: Не се станува ЕУ член со селективно почитување на европските стандарди

АПИС: Не се станува ЕУ член со селективно почитување на европските стандарди

28 февруари 2024

На 13 февруари, Претседателот на Републиката не го потпиша указот за стапување во сила на Законот за изменување и дополнување на законот за игри на среќа, кои денес се повторно на дневен ред на пленарната собраниска седница. Во своето образложение Г-дин Стево Пендаровски укажа дека овие законски измени се донесени преку несоодветна забрзаната собраниска процедура која ја овозможува ЕУ знамето. Потенцираше дека одлуката е донесена со претходни консултации со Брисел.

 

Претходно, во февруари 2023 евроамбасадорот Г-дин Дејвид Гир јавно порача дека европското знаме не смее да се злоупотребува за избегнување на дискусиите за важни прашања директно посочувајќи дека мисли на игрите на среќа. 55 пратеници од владејачкото мнозинство не само што останаа глуви на овие укажувања, кои се нотирани и во последниот Извештаи на Европска комисија и Стејт Департментот на САД, туку со антидемократска и антиевропска процедура на сила ги усвоија скандалозните и противуставни измени. На 12 јануари кога истече и скратениот рок за амандманската расправа, за да се спречи изјаснување на пратениците за последниот амандман за намалување на дистанцата од 500 на 200 метри од образовни институции и да се спасат 10 илјади работни места, претседателот на Комисијата за европски прашања прво ја прекина седницата во 13 часот и 55 минути, па ја продолжи дури во 17 часот и 20 минути, за да во 18 часот ја заклучи сесијата без воопшто да спроведе гласање. Не постои друг пример во законодавен дом на земја членка на НАТО, која сака да стане полноправен член на Европската Унија, да се спречува гласање на народни избраници со брутална злоупотреба на ЕУ знамето.

 

Сите пратеници знаат дека притисокот кој го прави една владејачка партија за да поминат овие противуставни и скандалозни измени по секоја цена, нема апсолутно никаква врска со тврдењата дека целта е заштита на младината. И јавноста веќе е добро информирана дека станува збор за исполнување на нечии лични бизнис и тесно партиски интереси.

 

Затоа, сега се на потег пратениците. Јавноста ќе има прилика да види, дали нечии заложби за полноправно членство на државата во ЕУ се вистинити или обични флоскули кои предизборно им се пласираат на гласачите. Не се станува полноправен член на ЕУ со селективно почитување на европските стандарди. Со антидемократски и антиевропски манипулации да се истуркаат законски измени кои ќе го затворат најголемиот приватен работодавец во Македонија е тежок фаул за нашите стратешки определби.

 

Уште еднаш апелираме до критичката јавност со особено внимание да ги слуша сите аргументи. Да не потпаѓа на нечиј предизборен популизам. Затворањето на легалните игри на среќа ќе предизвика далекусежни последици кои потоа многу тешко ќе се санираат. Не случајно

Албанија по препорака на Европската комисија ја укина забраната за игрите на среќа за да спречи диви играчници и црна економија.

 

Ја користиме приликата уште еднаш да потенцираме дека сме подготвени да учествуваме во еден широк консултативен процес, со вклученост на сите засегнати страни, да подготвиме решенија кои ќе дадат одговори на грижите на граѓаните, ќе бидат спроведливи во пракса, за разлика од актуелните противуставни и скандалозни измени кои ќе создадат хаос во овој крајно чувствителен економски сектор.

 

Доколку законските измени и покрај се’ добијат поддршка од 61 пратеник бидете сигурни дека нашата институционална и демократска борба ќе продолжи. Ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставен суд, ќе следат тужби за астрономски отштети кои ќе се прекршат преку грбот на народот. Без егзистенција ќе останат 10 илјади вработени, 54 до 100 илјади други работни места кои се поддржуваат преку легалните игри на среќа ќе доживеат сериозен економски удар, сопствениците на објектите ќе останат без закупнина, банките ќе активираат хипотеки и други гаранции. Државниот Буџет ќе изгуби 280 милиони евра годишен приход што е најмалку пет проценти од планираните државни приходи за 2024.

 

АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРИРЕДУВАЧИ НА ИГРИ НА СРЕЌА - АПИС

_____________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото: АПИС

Остани поврзан