• вторник, 24 декември 2024

Апелациониот суд ја одби жалбата на Груевски, а делумно ја уважи на Мијалков за „Плацеви на Водно“

Апелациониот суд ја одби жалбата на Груевски, а делумно ја уважи на Мијалков за „Плацеви на Водно“

Скопје, 24 март 2023 (МИА) - Апелациониот суд Скопје ги одби како неосновани жалбите на обвинетиот Никола Груевски и на правното лице ДТУОР Л.К.Ц. ДООЕЛ С., а делумно ја уважи жалбата на обвинетиот Сашо Мијалков за кривичниот предмет „Плацеви на Водно“. 

На Груевски му ја зголеми казната на девет години, а на Мијалков му изрече условна казна затвор која нема да се изрече доколку во рок од четири години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.  

- На обвинетиот Н. Г. од С., за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 ст.1 од Кривичниот законик, му се утврдува казна затвор во траење од 7- седум години, а за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а став 1 од Кривичниот законик му се утврдува казна затвор во траење од 3 - три години и 6 - шест месеци и согласно чл.44 од Кривичниот законик, се осудува на единствена казна затвор во траење од 9 – девет години. На обвинетиот С. М. од С., за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в со член 24 од Кривичниот законик, му се изрекува алтернативна мерка – условна осуда така што одмерената казна затвор во траење од 1- една година и 3 – три месеци, во која му е засметано и времето поминато во притвор сметано од 22.12.2021 година до 29.12.2021 година се зема за утврдена и се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 4 - четири години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело, стои во соопштението од Апелацискиот суд.

Апелациониот суд Скопје оценил дека првостепениот суд недоволно ги ценел отежителните околности за Груевски и ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Потврдена е и првостепената пресуда со која е конфискуван целокупниот недвижен имот во приближна вредност 3.000.000,00 евра. ар/бак/

 

Остани поврзан