• среда, 25 декември 2024

„Антолог“ ја објави книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“

„Антолог“ ја објави книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“

Скопје, 10 август 2023 (МИА) - Издавачката куќа „Антолог“ ја објави книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ од Владимир Јанковски, во која се содржани разговори со академикот Влада Урошевиќ. Книгата ги содржи разговорите што Урошевиќ и Јанковски ги воделе во временски опсег поголем од дваесет години.

Првиот дел од книгата, „Огледало за загатката“, опфаќа дијалози водени во 2002 и 2003 година, вториот дел е подолг разговор од 2015 година, а последниот дел, „Кабинет на чуда“, се разговори од 2023 година.

-На овие страници се допрени најголемиот дел од творечките преокупации на Урошевиќ, а авторот се обидува преку дијалогот за поетиката на писателот да долови и елементи од неговата личност, живот и односот кон современиците. Во книгата Урошевиќ дава свое видување на некои од главните преокупации во сопственото творештво: првичните поттици за пишување, детството како голема тема во литературата, опседнатоста со градот, необичните простори, куќата како топос, летото и медитеранските теми, алхемијата, поетиката на надреализмот, љубовта кон сликарството и интересот за светот и животот на инсектите и, воопшто, животните, различните цивилизации и култури. Исто така, може да се прочита неговата лична перспектива за македонската книжевност од крајот на педесеттите години, а интересни се и неговите лични согледувања и мини портрети за некои од најзначајните македонски писатели кои биле негови современици, пријатели или соработници, наведува „Антолог“.    

Книгата може да се чита и како панорама на книжевните опсесии на Урошевиќ и како портрет на еден човек кој својата егзистенција нераскинливо ја преплетувал со книжевноста и, воопшто, со уметноста.

„Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“ е 800. книга во издание на „Антолог“. мч/дма/

Остани поврзан