• понеделник, 16 декември 2024

АФЖ во Македонија: Антифашистичката историја на жените е наследство што мора да го чуваме

АФЖ во Македонија: Антифашистичката историја на жените е наследство што мора да го чуваме

Скопје, 6 декември 2024 (МИА) - По повод 80 години од формирањето на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) во Македонија, во периодот од 12 до 24 декември 2024 година во Скопје ќе се одржат серија културно-уметнички настани отворени за целата јавност, преку кои комеморативно, научно и критички ќе се практикува културата на сеќавање на најмасовното женско движење кога било на просторите на поранешна Југославија.  

-Основан во текот на Втората светска војна, под водство на Комунистичката партија на Југославија, со цел масовно и системски да ги вклучи жените во борбата против фашистичките сили, преку својата широка и комплексна мрежа на терен АФЖ не само што ја исполнил зацртаната задача, туку успешно спроведувал и масовни кампањи за описменување, политичко учество на жените и нивно економско активирање како работнички. Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија е формиран на 15 декември 1944 година во тогашното кино „Уранија“, денес познато како кино „Култура“ (Скопје), на Првата главна конференција за Македонија во присуство на 400 делегатки и делегати, особено благодарение на иницијативната и водечка улога на првоборките и комунистички политичарки Веселинка Малинска, Мара Нацева, Вера Циривири Трена и Лефта Јосифовска.

-Настаните се обид да се воспостави култура на сеќавање на важните настани и личности од нашето, не така далечно минато, битни за нашата денешница и иднина“, вели Вера Бунтеска од Општинската организација на Сојуз на борци - Карпош.

Историчарката Ивана Хаџиевска нагласува дека кога е во прашање одбележувањето на јубилеите поврзани со АФЖ и со Народноослободителната борба (НОБ), чести се декларативните заложби за ‘чување на споменот‘, но, во практика тоа не се одразува ниту во институционалните и општествените односи кон вреднувањето на историјата на жените, ниту во обезбедувањето видливост и присуство на наративи во јавниот дискурс кои го предизвикуваат патријархалниот модел за родот и улогата на жените во општеството.

-Програмата за одбележување на овој јубилеј е плод на женско организирање, чија цел е токму да ги предизвика политиките на заборав кон (социјалистичката) историја, но и да отвори суштински простор за критичко сеќавање на политичките, социјалните, родовите и економските аспекти. На тој начин, можеме да ја поврземе историјата на АФЖ и со нашите сегашни хоризонти, обележани со колонијалистички војни, опресија и климатска криза, како и со галопирачко назадување на напредокот на женската општествена положба“, вели таа. 

Програмата започнува на 12 декември во Кинотеката на Македонија, со вечерен настан во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Феминистичката антифашистичка мрежа (ФАМа), кој ќе вклучува обраќања на експертки и активистки од регионот, како и читање на авторскиот текст „Таа“ на Искра Гешоска од страна на Никола Ристановски и изведба на „Духот на слободата“ од страна на учениците од СУГС „Никола Карев“.

Општинската организација на Сојузот на борци – Карпош ќе ја отвори темата за жените на Македонија и нивната борба за остварување на рамноправноста низ призмата на антифашистичкиот фронт на жените на Македонија во Домот на АРМ на 13 декември со почеток во 11 часот, по што ќе положи цвеќе пред Споменикот на жената борец во Паркот „Жена Борец“.

Истиот ден со почеток во 14 часот, во организација на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија од НОАВМ 1941-1945 и продолжувачите, во кино „Фросина“ ќе се прикаже дел од филмскиот серијал „Народни херои од Македонија“ од архивата на МРТВ, посветен на Елпида Караманди - учесничка во НОБ, што ќе биде придружено со пригодни обраќања и со песната „Елпида“ во изведба на Сашка Петковска.

Зборникот научни текстови „Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), артикулации на сеќавања и критички прикази“ ќе биде промовиран на 14 декември во Музејот на Северна Македонија со почеток во 19 часот, како значајно дополнување на „Архивите на невидливите“ што ги создава Центарот за истражување на национализмот и културата, ЦИНИК. Покрај ова, на 15 декември ЦИНИК организира тркалезна маса на тема „АФЖ: Недовршена револуција - сеќавање на минатото, замислување на иднината“ каде што домашни и регионални експерт(к)и ќе ги отворат прашањата за политиките на сеќавање/заборав, третманот на антифашистичките идеи и историските искуства во современиот контекст, женската историја во јавниот простор и значењата на комплексното наследство на АФЖ.

Програмата за одбележување на јубилејот завршува на 24 декември во Музејот на Северна Македонија со самостојната изложба „Џинови и снегулки“ на уметницата Христина Иваноска, насловена по истоимената поема од книгата поезија „Егејска барутна бајка“ на писателот Славко Јаневски, во организација на ЦИНИК и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“. сст/са/

Фото: АФЖ

 

Остани поврзан