• вторник, 24 декември 2024

ТИ: Антикорупција и договорот со „Бехтел и Енка“ во „матно“, кривична за полициски командир во Виница во „бистро“

ТИ: Антикорупција и договорот со  „Бехтел и Енка“ во „матно“, кривична за полициски командир во Виница во „бистро“

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Договорот со „Бехтел и Енка“ што во целост не го добиле во Антикорупција, ДЗР со неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Агенцијата за филм, случувањата во Судскиот совет, Холандија ја прекина подршката за Судски совет бидејќи гледаат корупција, извештај на „Фридом хаус“ со најниска оценка за корупција, се актуелните „матни“ случаи за мај, објавени од Транспаренси Интернешнл-Македонија во рамки на спроведувањето на редовната месечна и годишните анкети за корупција во рамки на проектот „Бистро-Матно“.
 
Во „бистри“ настани се дадени оние поврзани со активностите на Министерството за внатрешни работи, кое во текот на мај  2023 година информираше за реализирани случаи и поднесени кривични пријави за кривични дела од областа на корупцијата, кривичната пријава за раководителот во „Водостопанство“ кој примил мито, за припадничката на АРМ осомничена за барање поткуп, која доби 30-дневен домашен притвор, како и кривична пријава за полициски командир во Виница.

- Aнтикорупционерите не го добиле целосниот договор со „Бехтел и Енка“ од Владата и во доставената документација недостасуваат прилози кон договорот. Од Антикорупциската комисија се обратиле до Владата од каде биле информирани дека е истата документација која била испратена до Собранието. Што точно има во деловите кои недостасуваат не може да проценат и не ја искучуваат можноста да испратат допис до премиерот и генералниот секретар на Владата. Антикорупционерите поседуваат безбедносни сертификати со кои им е овозможено да го добијат целосниот договор и покрај клаузулата за доверливост, се наведува во соопштението од Транспаренси Интернешнл-Македонија, во однос на проектот „Бистро-Матно“.

Посочуваат и на ДЗР со неповолното мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Агенцијата за филм

- Финансирањето на проекти во филмската дејност е без јасни критериуми за спроведување на постапката за избор на филмски проекти и извршени се исплати без поткрепувачка документација во вкупен износ од околу 24 милиони денари, констатирал Државниот завод за ревизија во последниот извештај за Агенцијата за филм за 2021 година.Со ревизијата опфатени се 15 филмски проекти и 4 филмски фестивали од национален интерес кои се финансирани од страна на Агенцијата во повеќе Годишни програми почнувајќи од 2017 година, за кои во 2021 година се исплатени средства во вкупен износ од 116 милиони денари. Во врска со овој случај по кој постапуваше и Транспаренси Интернешнел Македонија (https://transparency.mk/2023/03/14/transparensi-interneshnl-makedoni%d1%98a-konstatira-sudir-na-interesi-vo-rabote%d1%9aeto-na-agenczi%d1%98ata-za-film) се уште недостасува официјална реакција од институциите кои треба да ги проверат наводите во извештајот на ДЗР од аспект на повреди на повеќе закони, вклучително и на Кривичниот законик, Законот за спречување на корупцијата и Законот за филмска дејност, стои во соопштението.

„Судски совет: Исклучени камери, кривична пријава и тужба до Управен суд, е уште еден од настаните зебележан во „матни“ настани од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

- Новиот претседател се обиде да ги исклучи камерите од Судскиот совет за да имале услови за работа Новиот претседател Сашо Георгиев се обиде да забрани снимање на седницата на Судскиот совет. Тој рече дека негов предлог е да се исклучат камерите и да се извадат надвор, а во салата да останат само новинарите. На ова реагира разрешената претседателка Весна Дамева, која рече дека е изненадена од одлуката и му порача дека не може да ги исклучува камерите. Георгиев во текот на дискусијата исклучувањето на камерите го правдаше со став заземен на колегиум. Драмата од Судски совет се сели во обвинителство: Дамева со кривична пријава за нејзиното разрешување и тужба до Управен суд, стои во соопштението. Се додава, во тој контекст и Кралството Холандија стави во мирување голем проект со Судскиот совет.

- Ова во итнервју за Радио слободна европа го откри Амбасадорот на Кралството Холандија во Република Северна Македонија,  НЕ г-дин Дирк Јан Коп, кој оценувајќи ги последните случувања во Судскиот совет изјави дека истиот се претворил во нелигитимно тело. Дали врховен судија и член на Судски совет биле корумпирани – истрага има, но во скопско обвинителство откако тимот на Ислам Абази се прогласил за ненадлежен Претставката за корупција која лани на крајот на годината стигнала во судскиот совет е жива, а за наводите во неа, дека врховен судија од Штип и член на судски совет земале корупција за судски предмети и „бирале“ кадри за Академијата за судии и обвинители, има најмалку две предистраги. Обвинителството за Телма потврди дека претставката од Судскиот совет е препратена кај нив. Прво е пратена во обвинителството за гонење на организиран криминал, но таму сметале дека не се надлежни и го препратиле на скопското обвинителство, се појаснува во соопштението.

Во настаните за мај, Транспаренси интернешнл-Македонија го регистрираат и извештајот на „Фридом хаус“ за корупција.

- Македонија има напредок, но и политичка дисфункција, вели најновиот извештај „Нации во транзиција“ на „Фридом хаус“.Организацијата со седиште во Вашингтон, која е фокусирана на човековите права и промовирање на демократските вредности, нотира дека Македонија е најдобро пласирана од сите држави од Западен Балкан, има резултат од 48 поени од можни сто, но сепак државата и понатаму е во групата на транзициски или хибридни режими, потсетуваат од таму.

„Бистрите“ настани за мај 2023 година што ги наведува Транспаренси Интернешнл-Македонија се поврзани со активностите на Министерството за внатрешни работи кое во текот на мај 2023 година информираше за реализирани случаи и поднесени кривични пријави за кривични дела од областа на корупцијата. Со зголемената реализација на МВР граѓаните се охрабруваат да пријават случаи на барање и примање поткуп и други дејствија на коруптивно однесување.

Тука се кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување против поранешни раководни лица од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, кривична за раководителот во „Водостопанство“ кој примил мито, потоа припадничката на АРМ осомничена за барање поткуп, која доби 30-дневен домашен притвор, кривичната пријава против велешанец, кој при апсење понудил по 30.000 денари на полицајците, како и кривичната пријава за полициски командир во Виница. цр/са/

Фото:МИА

 

 

Остани поврзан