• среда, 25 декември 2024

Анкетната комисија за случајот на Онкологија почна со сослушување на поранешниот заменик министер за здравство Хасани

Анкетната комисија за случајот на Онкологија почна со сослушување на поранешниот заменик министер за здравство Хасани

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Анкетната комисија за случајот на Клиниката за онкологија денеска продолжи со работа сослушување на  поранешниот заменик министер за здравство Илир Хасани.

Претседателката на собраниската Анкетна комисија за случајот на Клиниката за онкологија Рашела Мизрахи информира дека на денешната седница на сослушување и да одговараат на прашањата на пратениците поканети се заменик министрите за здравство Илир Хасани, Владимир Рендевски, Јовица Андоновски, поранешниот министер за здравство Никола Тодоров,  актуелната заменик министерка за здравствол Маја Манолева и други функционери во здравствени институции.

Мизрахи минатата недела изјави оти очекува  до 3 ноември  да заврши сослушувањето на сведоците, по што во период од 30 дена, треба да се разгледа целата документација и заклучоците да се достават до Собранието.

Коментирајќи ја изјавата на претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев дека формирањето на Комисијата е недозволиво во време кога има активна истрага за случајот, Мизрахи тогаш нагласи дека не гледа ништо спорно и оти тие бараат само политичка одговорност.

- Постоењето и ингеренциите на Анкетната комисија се дефинирани во Уставот. Ние бараме политичка одговорност, но согласно член 76 може од политичката одговорност да произлезе и друга одговорност како кривична или граѓанска одговорност. Пленумот ја гласаше таа Анкетна комисија и ние разгледуваме документација која е релевантна од институции и лицата кои ги викаме како сведоци се токму од тие институции, така што не гледам ништо спорно, изјави Мизрахи.

Досега пред Анкетната комисија, која треба да утврди политичка одговорност за скандалот со терапијата на Онкологија, зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешните министри за здравство Венко Филипче и Беким Сали, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Магдалена Филиповска Грашковска.  

Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести. фф/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан