• среда, 27 ноември 2024

Анкетирани студенти сметаат дека целиот систем и условите на живот се клучни за иселувањето од државава

Анкетирани студенти сметаат дека целиот систем и условите на живот се клучни за иселувањето од државава

Скопје, 5 јули 2024 (МИА) - Условите и квалитетот на живот се попресудни отколку финансиите во одлуката на високообразованите млади да се преселат во друга држава, покажала анкета на студенти на Филозофскиот факултет на УКИМ, во која условите и целокупниот систем на живеење за нив биле прва, а финансиите последна меѓу пет понудени причини во анкетата поради кои би ја напуштиле државата.

Тоа го соопшти деканот на факултетот, проф. Ратко Дуев, во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, во контекст на објавениот извештај на Државниот завод за ревизија за драматичниот одлив на вискообразован кадар од земјава.

Дуев истакна дека финансиите веќе не се клучен фактор, туку младите, рече, се „незадоволни од системот, од немањето одговорност и немањето систем на функционирање на јавните институции, особено клучните - образование и здравство“, и дека тоа генерира незадоволство.

-И дел од професорите на УКИМ ја напуштаат државата, особено од техничките науки, некои одат во приватни компании, а некои во развиените земји. Не само заради плати, туку и од други мотиви – заради подобри услови и инфраструктура за наука и истражување, лаборатории итн. Затоа најквалитетните кадри ни ги преземаат во странство. Клучен проблем се условите и се што значи квалитетен живот, не се само финансиите, туку целокупниот систем, истакна Дуев.

Александар Ристовски, потпретседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, кој е студент на ФИНКИ, рече  дека младите размислуваат дали да си одат од државава и дека „не се работи за двајца- тројца туку масовно, можеби и половина“ студенти кои сакаат да се иселат.

-Генерално, причина е функционирањето, од транспорт, здравство, но и начин на однесување, не е се само во тоа дали имаме добра работа, туку сите фактори влијаат на младите. Затоа што новите генерации се посвесни за можностите во странство, знаат како се живее во други земји во Европа, рече Ристовски.

Според конечниот ревизорски извештај кој Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави во вторникот, алармантна е загубата  на таленти и земјава зазема високо место по одливот на мозоци. 

Проценките покажуваат дека од 2013 до 2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2500 високообразовани кадри. Според извештајот, државата за нив просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари или вкупно, за анализираниот период, потрошила 44,7 милијарди денари, односно околу 725 милиони евра. 

Директорот на ДЗР Максим Ацевски во емисијата на ТВ Телма истакна дека миграцијата, пред сè на високостручниот кадар, е загрижувачка, а мерките што ги преземаат надлежните органи не се ефективни и не ги даваат очекуваните резултати, 

-Имаме причина да бидеме загрижени и поради тоа што државата ја чини пари за сето тоа и, во суштина, имаме негативни ефекти од заминувањето на високообразовни кадри од државата, истакна  Ацевски.

Порача дека условите за живот се многу важни за младиот човек, особено здравствените услуги што ги добива, а исто така и вреднувањето на неговиот труд. Според Ацевски, системот на вреднување е нестимулирачки и во изминатите години, како што рече, е направена „класична урамниловка“, прашувајќи како може да се задржи дефицитарен кадар, како што е ИТ-секторот, ако тој се вреднува исто како други вработени во  јавна администрација.

Според извештајот на ИОМ за 2020 година, како што беше наведено во ревизорскиот извештај на ДЗР, Република Северна Македонија е во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. 

Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, нашата држава е на високото петто место (од 41 европска земја) што, како што соопшти ДРЗ во објавениот извештај, „јасно покажува дека државата се соочува со голема загуба на таленти“. хс/цр

Фото: МИА архива 

Остани поврзан