• сабота, 14 февруари 2026

Андоновски: Соработка со Visa за побрза, поедноставна и покориснички ориентирана јавна администрација во дигитална средина

Андоновски: Соработка со Visa за побрза, поедноставна и покориснички ориентирана јавна администрација во дигитална средина

Скопје, 12 февруари 2026 (МИА) - Министерство за дигитална трансформација денеска потпиша Меморандум за соработка со Visa, која се очекува да биде важен чекор кон побрза, поедноставна и покориснички ориентирана јавна администрација во дигитална средина.

Меморандумот го потпишале министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и Ана Драшковиќ, потпретседателка и генерална директорка на Visa за Југоисточна Европа.

Како што информира на социјалните медиуми министерот Андоновски, со Драшковиќ договориле партнерство со кое ќе бидат искористени можностите што ги нудат дигиталниот паричник и технологиите за дигитално плаќање, за да се зголеми достапноста и квалитетот на електронските државни услуги за граѓаните и деловните субјекти.

-Во фокусот на соработката се: унапредување на функционалностите за плаќање на Националниот портал uslugi.gov.mk и мобилната апликација m.Uslugi, развој на инфраструктура за прифаќање дигитални плаќања на шалтерите во институциите од јавниот сектор и промоција и подигнување на свеста за придобивките од е-услугите и е-плаќањата кај граѓаните, бизнисите и државните службеници Нашата цел е јасна: помалку време на шалтери, повеќе услуги достапни онлајн и модерни, сигурни начини на плаќање каде што е потребно, посочува министерот за дигитална трансформација.

Министерот Андоновски најави дека ќе продолжуваат со конкретни решенија за дигитална држава што работи за граѓаните. фф/лв/

Фото: Фејсбук на Стефан Андоновски

Остани поврзан