• четврток, 26 декември 2024

Андоновски: Се уште сме на почетокот во градењето на отпорност кон сајбер нападите на критичните сектори

Андоновски: Се уште сме на почетокот во градењето на отпорност кон сајбер нападите на критичните сектори

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска имал воведно обраќање на осумнаесеттиот состанок на Работната група за сајбер безбедност на критичната инфраструктура (CICWG). Овој состанок, соопштија од Министерството за дигитална трансформација, е дел од Програмата за дигитализација и отпорност на критичната инфраструктура (CIDR), иницијатива поддржана од УСАИД, фокусирана на зајакнување на сајбер безбедноста во клучните сектори како енергетика, телекомуникации и финансии.

- Во ера на забрзана дигитализација и растечки сајбер закани, Министерството за дигитална трансформација презема решителни чекори кон зајакнување на националната сајбер безбедност, истакнал министерот во своето обраќање.

Тој го нагласил успехот на Работната група за сајбер безбедност на критичната инфраструктура во зајакнувањето на сајбер безбедноста во критичните сектори како енергетика, телекомуникации и финансии.

- Оваа програма е извонреден пример за тоа како меѓународната соработка може да донесе конкретни придобивки за нашата земја, рекол Андоновски.

Како што стои во соопштението, министерот Андоновски ги истакнал и предизвиците со кои сè уште се соочува земјата во областа на сајбер безбедноста. Тој ја нагласил потребата од поефикасна заштита на критичните информациски системи, подобрување на регулативата и усогласувањето со европските директиви.

- Се уште сме на почетокот во градењето на отпорност кон сајбер нападите на критичните сектори. Но, како што работиме на овие иницијативи, нашата нова Национална стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучниот документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на нашите капацитети, изјавил Андоновски. 

Тој ја споделил визијата за создавање на безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување кое ќе овозможи непречен развој на дигиталната економија и општество во Република Македонија.  цр/aa/

Фото: Министерството за дигитална трансформација

 

Остани поврзан