• понеделник, 23 декември 2024

Андоновски: Министерството за дигитална трансформација е фокусирано на институционална изградба на системот за сајбер безбедност

Андоновски:  Министерството за дигитална трансформација е фокусирано на институционална изградба на системот за сајбер безбедност

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) - Министерството за дигитална трансформација е фокусирано на институционална изградба на системот за сајбер безбедност, бидејќи како држава веќе подолго време бевме мета на сајбер напади коишто граѓаните делумно ги почувствуваа, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

-За жал, како држава веќе подолго време бевме мета на сајбер напади коишто граѓаните делумно ги почувствуваа. Тоа се заканите за бомби кои доаѓаа на хибриден начин кон основните и средните училишта, па потоа и во трговските центри, а сличен вид на напади се случуваа и во државни институции. Затоа, како Влада, со формирањето на Министерство за дигитална трансформација многу сериозно и посветено се фокусиравме на институционална изградба на структури коишто ќе превенираат, кои ќе информираат за потенцијални сајбер-закани, а потоа и во случај на сајбер-напад ќе можат и да реагираат, истакна Андоновски на интервјуто за „Гласот на Америка на македонски". 

Министерот појасни дека се фокусираат на изградба на структури кои ќе превенираат и информираат за потенцијални сајбер-закани, а во случај на сајбер-напад тие да можат да реагираат. Станува збор за Центри за одговор на компјутерски инциденти, за кои, Андоновски очекува да функционираат во 2025 година.

-Сметаме дека треба да постојат два типа на вакви центри во државата коишто меѓусебно ќе бидат поддржани. Едниот би бил одговорен кон јавноста, невладиниот сектор, приватните институции, кон сите заинтересирани и кон граѓаните, а вториот би бил владин центар за одговор за сајбер-напади кој што ќе ја превенира целокупната владина мрежа на државните институции и ќе ги следи состојбите, рече Андоновски.

Според него многу е важна заштитата на податоците на граѓаните и се додека нема вистинска заштита на опремата, хардверот, но и на софтверот, не може да се зборува за сајбер-безбедност од највисок вид.  

-Знаете, има институции коишто се движат во насока на тоа ‘сè ќе чуваме на хартија, па така ќе бидат безбедни граѓаните’, но што се случува кога имаме пожари, знаеме колку пати ни се случи да изгорат институции во градот Скопје коишто чуваат податоци на граѓаните, поплави, несоодветно чување на архивскиот материјал. Решението не е во хартијата, решението е во вистинска сајбер заштита на електронските системи кои ги имаме и нивно поврзување со дополнителни заштитни сервери кои би служеле како резерва за заштита на податоците на граѓаните, изјави министерот Андоновски.

На прашањето дали страницата на Министерството која е во изработка, но и страниците на другите институции би биле безбедни од сајбер напади, министерот одговори дека тоа е нешто со што се зафатиле од првиот ден на неговиот мандат.

-Ќе предложам информација во владата да изработиме заеднички веб-страници на владините институции што значи да бидат заштитени преку еден систем, да бидат позиционирани на едно место и на тој начин да можеме да ги заштитуваме сите владини веб страници. Моментално секоја институција креира своја веб страница, така било досега, тие меѓусебно тешко се поврзуваат и заштитата се одвива многу тешко затoa што ако на една институција и заврши лиценцата или не може да ја продолжи таа лиценца останува без заштита, а со самото тоа што таа веб-страница е поврзана со некои други веб-страници на владата – еден напад на една институција би значел напад на сите владини институции коишто се меѓусебно поврзани, истакна  министерот Андоновски. дма/лв/

Фото: Гласот на Америка

 

 

Со почит, 

Кабинет на Министер за дигитална трансформација

 

Остани поврзан