• сабота, 23 ноември 2024

Ангеловска-Бежоска: Конзистентни монетарни и макропрудентни мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност

Ангеловска-Бежоска: Конзистентни монетарни и макропрудентни мерки за одржување на ценовната и финансиската стабилност

Скопје, 29 август 2023 (МИА) - Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со гувернерите на Австрија, Германија и Данска, учествуваше на панел-дискусијата „Влијанието на затегнувањето на монетарната политика врз финансиската стабилност“ на Европскиот форум „Смела Европа 2023“ што се одржа во Австрија.

Гувернерката, како што денеска соопшти Народната банка, навела дека историски гледано, глобалната монетарна поставеност претставува најсинхронизираното и најсилното затегнување на монетарната политика во изминатите пет децении, со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се намали стапката на инфлацијата.

- Но, повисоките каматни стапки може да го зголемат кредитниот ризик и да предизвикаат раст на нефункционалните кредити. Засега тоа не се случува, со оглед на тоа што во Европа и во регионот на ЦЈЕ тие се одржуваат на нивото под 4 проценти, коешто е значително пониско ниво во споредба со претпандемичниот период. Кај нас нефункционалните кредити се уште пониски ‒ 2,8 проценти, посочила Ангеловска- Бежоска.

Оценила дека како резултат на глобалната регулативна реформа, којашто била направена и од наша страна, преку повеќето мерки што ги презеде Народната банка, значително се зајакнати капиталниот и ликвидносниот капацитет на банкарскиот систем за ублажување на евентуалните ризици.

- Адекватноста на капиталот е највисока во последната деценија. Минатата година за првпат беше воведен контрацикличен заштитен слој на капиталот, а оваа година за првпат и макропрудентни мерки насочени кон квалитетот на побарувачката на кредити, истакнала Ангеловска- Бежоска.

Гувернерката посочила дека особено е важно да се продолжи со натамошно јакнење на макропрудентната и микропрудентната рамка, како и зајакнување на соработката со надлежните европски институции бидејќи во регионот најголемиот дел од активата на банкарскиот систем е во сопственост на банкарски групи од Европската Унија. 

На маргините на форумот, гувернерката остварила средба со стипендистите од земјава кои присуствувале на Форумот.

Европскиот форум во Алпбах, Австрија, којшто почна да се одржува во 1949 година, е простор за обединување на младите луѓе од Европа и од целиот свет со иновативните умови од политиката, бизнисот, граѓанското општество, културата и науката за да поттикнат идеи за силна и демократска Европа. бак/

Фото: Народна банка

Остани поврзан