• понеделник, 23 декември 2024

Ангеловска-Бежоска: Геоекономската фрагментација можност за позитивна економска трансформација на Западен Балкан

Ангеловска-Бежоска: Геоекономската фрагментација можност за позитивна економска трансформација на Западен Балкан

Скопје, 23 јули 2024 (МИА) - Геоекономската фрагментација претставува ризик за глобалната економија. Иако сè уште не се согледуваат негативни ефекти врз регионот на Западен Балкан, нема сомнение дека геополитичките ризици се на историски високо ниво и можат да доведат до намалување на трговијата и финансиските приливи. Земјите од Западен Балкан, како мали и отворени економии, можат да ги ублажат ефектите од неповолните геополитички состојби на повеќе начини. Во услови кога меѓународните корпорации ја преоценуваат географската локација на своите производствени капацитетите, обидувајќи се да ги намалат оперативните ризици во работењето, регионот на Западен Балкан може да биде привлечен за преместување на европските бизниси, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на меѓународната конференција „Повторно поврзување на глобалната економија“.

На конференцијата  учествуваа гувернери од повеќе земји во светот. Најпрво се обрати заменик извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Гита Гопинат, а обраќање имаше и извршната директорка на Банката за меѓународни порамнувања, Андреа Махлер.

- Преселувањето на странските производствени капацитети од ЕУ во нашиот регион ќе донесе повисоки странски директни инвестиции, поголема трговска размена, како и пренесување искуства, знаења и напредни технологии. Предностите на земјите од регионот се нивната географска близина до ЕУ, кандидатскиот статус на дел од земјите, пониските трошоци по единица производ и високо квалификуваната работна сила. Сепак, за да се искористат овие можности, треба да се направат структурни реформи, со цел земјите од регионот да станат попривлечни за странските инвеститори, истакна Ангеловска-Бежоска на 15. годишна конференција организирана од Комитетот за преобразување на Бретон Вудс и Централната банка на Перу, што се одржа во Куско.

Според неа, преселувањето на производствените капацитети, дури и во мал обем, може да има значително влијание врз економскиот раст, којшто според студијата од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за земјите од Западен Балкан би се зголемил меѓу 3% и 10% од БДП.

-Интеграцијата на земјите од Западен Балкан во глобалната економија во изминатите две децении е значително зголемена. Трговската размена бележи раст од 25 п.п. од БДП, додека финансиската интеграција бележи раст од 70 п.п. од БДП, а ова претставуваше главната движечка сила на доходната конвергенција на регионот, рече Ангеловска-Бежоска и дополни дека е од исклучително значење да се продолжи со интеграцијата, зашто за малите економии таа е предуслов за повисок раст на доходот.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваше на панел-дискусијата „Економската фрагментација, регионалните блокови и нивното влијание врз глобалната финансиска архитектура“, заедно со Фелипе Лараин, професор по економија на Католичкиот универзитет во Чиле, Дејвид Пасарели, директор на Универзитетскиот центар за истражување на политиките на Обединетите нации, Елина Рибакова од Американскиот институт за меѓународна економија Петерсон, а претседавач на панел-дискусијата беше Хозе Урибе, претседател на Резервниот фонд на Латинска Америка. мч/cr

фото:Народна банка

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан