• вторник, 26 ноември 2024

Анализи на Економскиот факултет во Прилеп: Неопходна соработка на институциите за пазарот на трудот

Анализи на Економскиот факултет во Прилеп: Неопходна соработка на институциите за пазарот на трудот

Прилеп, 10 јули 2023 (МИА) -Да се согледа реалната ситуација со кадрите кои ги бара економијата и координација помеѓу институциите во државава за да се креираат профили кои и се потребни на македонската економија и пазарот на трудот, се дел од заклучоците што денеска ги презентираше невладината  „COSV“ на Економскиот факултет во Прилеп.

Ова е резултат од низата состаноци според трипл-хеликс методологијата за соработка помеѓу бизнис заедницата, преку Регионалната стопанска комора, Економскиот факултет од Прилеп и Универзитетот од Битола, како и општина Прилеп. На тие состаноци за вмрежување се донесени значајни одлуки во врска со проблемот кој што го лоцираа од проектот „Ентег“, односно за преприемништвото за дипломирани студенти со високо образование.

Ситуацијата е алармантна. Според Светска банка од 2019 година, една четвртина или 500 000 граѓани се отселиле од државата, а според пописот, за 20 години имаме помалку 126 000 млади. Податоците укажуваат на тоа дека земјава неповратно губи млади лица кои влијаат врз социо-економската состојба, врз демографската состојба, зашто се зголемува старото население и, едноставно, големи последици трпи целата економија. Невладината „COSV“ со директни препораки до централната власт за слух за локалните економии.

-Според нашите заклучоци, она што директно треба да се препорача е дека недостасува меѓусекторска соработка. Се препорачува централната власт да ги консултира локалните центри - за вработување, образовни институции, средните училишта и факултетите во креирањето на политиките, како со оперативниот план за вработување, така и со креирањето на наставните програми на универзитетите и средните училишта во согласност со барањата на пазарот на трудот. Агенцијата за вработување треба да ги спроведува законските мерки во врска со бришење од евиденција лицата кои двапати одбиваат работа, изјави Дања Димовска Микаровска, проектен менаџер во невладината „COSV“ од Прилеп.

Дополнително да се промовираат бенефитите од дуалното образование за креирање соодветни стручни кадри кои ќе одговараат на потребите на локалната економија. Се препорачува до централното ниво, при креирањето на Оперативниот план за вработување, Министерството за труд и социјална политика да ги вклучува и локалните центри за вработување.

- Тоа значи, да се приспособат условите на фирмите во оперативниот план за практикантска работа и да се предложи обезбедување финансиски средства за менторите кои ги менторираат практикантите за извршувањето практикантска работа во компаниите. Освен тоа, потребна е правна рамка која ќе предвиди обврзувачки клаузули за практикантите како и други легислативни решенија што ќе обезбедат поголема правичност и одговорност за работодавците и работниците во процесите на спроведувањето на практиканството, вработувањето, отказот и слично, објаснува Димовска Микаровска.

Прекупотребна е служба за кариерно советување во средните училишта, а центрите за млади се неопходни. ем/вг/

фото: МИА

Остани поврзан