• вторник, 24 декември 2024

Анализа: Последиците од руско-украинската ситуација почнаа да ги соборуваат кревките „гранични“ економии

Анализа: Последиците од руско-украинската ситуација почнаа да ги соборуваат кревките „гранични“ економии
6 aприл 2022 Ројтерс  (US.News) Последиците од руско-украинската војна само што им помогнаа на две од најсиромашните земји во светот, да се доведат во состојба на целосна криза, а списокот на загрозени - и редицата пред Меѓународниот монетарен фонд - само ќе се зголемува. Тие можеби се далеку од борбата во Украина, но масовните оставки во понеделникот во Шри Ланка, како и драстичните маневри на пакистанскиот премиер Имран Кан за да избегне негово отстранување од власт, покажуваат до каде се шири економското влијание. И Шри Ланка и Пакистан гледаат дека нивната долготрајна јавна вознемиреност поради економското лошо управување, прерасна во криза, но, има двоцифрена листа на други земји, што исто така се наоѓаат во опасната зона. Некои, веќе беа на раб на должнички кризи во екот на пандемијата на Ковид-19, но порастот на цените на енергенси и храна, како резултат на војната, без сомнение ја влоши ситуацијата. Турција, Тунис, Египет, Гана, Кенија и други што преку увоз ги задоволуваат своите потреби за нафта и гас, како и основните прехранбени производи, како на пример пченица и пченка, чии цени пораснаа меѓу 25 и 40 отсто годинава, исто така се соочуваат со тежок притисок. Зголемени трошоци за увоз и субвенции за оние секојдневни неопходни работи, веќе го убедија Каиро да ја деволвира својата валута за 15 отсто и да побара помош од ММФ изминатите недели. Тунис и Шри Ланка која долго време одолеваше, исто така побараа помош. Гана, сè уште не сака да му пристапи на Фондот, а во меѓувреме забележува пад на валутата, додека Пакистан, земја што веќе има 22 програми на ММФ, речиси сигурно ќе има потреба од повеќе, бидејќи повторно потона во превирања. - Енергетскиот шок секако придонесува за политичката неизвесност на Шри Ланка и во Пакистан, истакна главниот економист на Renaissance Capital, Чарли Робертсон, означувајќи го тоа за клучен фактор и за Египет и за Гана. Тој додаде дека нема да биде изненаден, доколку повеќе земји бидат погодени. Робертсон ги наведе и Јордан и Мароко каде релативно големата средна класа ја прави чувствителна на политички промени. ГЛАД ВО АФРИКА Извршната директорка на ММФ Кристалина Георгиева упати остро предупредување дека „војната во Украина значи глад во Африка“. Сестринската организација на ММФ, Светска банка, исто така соопшти дека десетина од најсиромашните земји во светот, може да потфрлат во текот на следната година, што би било, „најголемиот бран на должнички кризи во економиите во развој, во една генерација“. Презадолжените „гранични економии“, како што се нарекуваат најмалку развиените земји, сега должат 3,5 трилиони долари - околу 500 милијарди долари над нивото пред пандемијата, процени Институтот за меѓународни финансии. Пакистан и Шри Ланка веќе потрошиле еквивалент на 3,4 и 2,2 отсто од нивниот БДП на енергија пред пандемијата. Во Турција бројката е поголема и изнесува 6,5 отсто, а цената на нафтата е веќе со месеци над 100 долари за барел, па притисоците се влошуваат. Со секои дополнителни 10 долари потрошени на барел нафта, се додава 0.3 отсто на дефицитот на тековната сметка на Турција, според ММФ. За Либан е 1.3 отсто, додека рејтинг агенцијата Фич проценува дека цената на субвенциите за електрична енергија во Тунис би можела да се искачи на над 1,8 од нејзиниот БДП оваа година од 0,8 отсто. НЕМИР Цените на храната се исто така загрижувачки проблем. Тие и онака растеа додека земјите излегуваа од „локдаун“, влошени во некои региони поради суша. Со оглед на тоа што Украина и Русија сочинуваат 29 отсто од светскиот извоз на пченица и 19 отсто од испораките на пченка, нивните цени се зголемија за уште 25 - 30 отсто годинава. Египет купува над 60 отсто од својата пченица од странство, четири петтини од Русија и Украина. Откако ја девалвираше својата валута и се приближи до ММФ, Владата на претседателот Абдел Фатах ал-Сиси, исто така, штотуку ги фиксираше цените на лебот за да ги за да ги ограничи трошоците за храна.. - За многу земји овие (цените на енергијата и на храната) зголемувања на цените ќе имаат реперкусии за буџетите, за субвенциите и за политичката и за социјалната стабилност, тврди Виктор Сабо, менаџер на портфолио на пазари во развој. „Ако не ги контролирате цените, може да имате немири. Само помислете на Арапската пролет и улогата на цените на храната таму“. Со оглед на тоа што глобалните трошоци за кредити, исто така, сега рапидно растат бидејќи големи централни банки почнаа да ги зголемуваат каматните стапки, Макс Касл, менаџер на портфолио со фиксен приход во Mediolanum Irish Operations, изјави дека неколку увозници на стоки од пазарите во развој, речиси да немаат избор, освен да бараат помош. - Вистинскиот момент е ММФ да интервенира, поддржувајќи ги поранливите земји - особено оние со дефицит на тековната сметка, појасни тој. бд/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан