• среда, 01 април 2026

Амнести Интернешнл: Смртоносниот напад на Иран врз израелски град Беит Шемеш е воено злосторство

Амнести Интернешнл: Смртоносниот напад на Иран врз израелски град Беит Шемеш е воено злосторство

Лондон, 1 април 2026 (МИА) - Смртоносниот ирански напад врз израелски град Беит Шемеш , извршен на 1 март, треба да се истражи како воено злосторство, смета Амнести Интернешнл во својот најнов извештај.

Во нападот врз Беит Шемеш беа убиени девет цивили, меѓу кои и четворица тинејџери, кога проектилот погоди густо населена област и уништи синагога, при што повреди и 46 лица.

Според наодите на Амнести, во нападот е употребен „екстремно непрецизен“ вид оружје. Организацијата наведува дека анализата на дигиталните докази од социјалните мрежи, како и фотографиите и видеата собрани на местото на ударот, утврдила дека станува збор за иранска балистичка ракета.

„Оружјето употребено во иранскиот напад врз населбата Рамат Лехи во Израел е многу непрецизно и носи голема боева глава, што го прави целосно несоодветно за употреба во густо населени цивилни области“, изјави Ерика Гевара-Росас, директорка за истражување, застапување и кампањи во Амнести Интернешнл.

Организацијата, исто така, истакна дека немало легитимни воени цели во областа погодена од нападот.

„Употребата на балистичка ракета во овој напад го прави неселективен, што претставува кршење на меѓународното хуманитарно право. Лансирањето неселективен напад што предизвикува смрт и повреда на цивили или уништување на цивилни објекти е воено злосторство“, рече Гевара-Росас, повикувајќи на независна и непристрасна истрага и гонење на одговорните.

Местото на нападот еден ден подоцна го посети израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ги обвини „техеранските тирани“ за напади врз цивили.

Иран не коментираше директно дали Беит Шемеш бил цел, но властите во Техеран тврдат дека нивните напади се одговор на дејствијата на американските и израелските сили.сд/ссм/

Фото:ЕПА

Остани поврзан