• сабота, 23 ноември 2024

Американскиот министер за одбрана ја откажа договорената спогодба со „мозокот“ на нападите од 11 септември

Американскиот министер за одбрана ја откажа договорената спогодба со „мозокот“ на нападите од 11 септември

Вашингтон, 3 август 2024 (МИА) - Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, синоќа ја откажа спогодбата склучена претходно оваа недела со „мозокот“ на нападите од 11 септември 2001 година, Халид Шеик Мохамед и двајца од неговите соучесници. Тие се затворени во американската воена база во Гвантанамо, Куба.

Пентагон во средата објави дека со обвинетите Халид Шеик Мохамед, Уалид Мухамад Салих Мубарак бин Аташ и Мустафа Ахмед Адам ал Хаусауи е постигната спогодба за казна. Таа му овозможува на Пакистанецот Халид да избегне процес, во кој може да му биде изречена смртна казна. Тројцата се обвинети за тероризам и убиството на речиси 3000 лица при нападите во Њујорк и Вашингтон.

Остин синоќа ја ослободи Сузан Ескалиер, која го предводи воениот суд во Гвантанамо, од нејзините овластувања да склучува вонсудски спогодби по случајот, преземајќи ги самиот овие надлежности.

„Употребувајќи ги своите овластувања, ги повлекувам трите прелиминарни спогодби, а мојата одлука стапува во сила веднаш“, се вели во изјавата на Остин.

Многу од конгресмените од Републиканската партија, предводени од претседателот на Претставничкиот дом (долниот дом на американскиот парламент) Мајк Џонсон и лидерот на малцинството на републиканците во Сенатот - Мич Маконел, остро ја критикуваа спогодбата за признавање на вината со тројцата терористи. ссм/

фото: архива

Остани поврзан