Амандманска расправа за Предлог-Буџетот за 2024 година, одбиени 19 амандмани
- На денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет беа разгледани и одбиени вкупно 19 амандмани на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје, 14 декември 2023 (МИА) - На денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет беа разгледани и одбиени вкупно 19 амандмани на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Одбиените амандмани се однесуваа на обезбедување на финансиски средства за изградба на фекални, канализациски и водоснабнителни мрежи во населени места во општините Јегуновце, Зелениково, Петровец, Велес, Чашка, Гази Баба, Могила, Струга, Чешиново-Облешево, Ѓорче Петров, за гасификација на Градот Скопје, за изградба на дом за стари лица во Кочани, за хидро техника за проект изградба на дел од градска магистрална улица во во Кочани. Амандманскат расправа треба да заврши во сабота.
Членовите на Комисијата треба да продолжат со работа и попладнево.
За Предлог-буџетот поднесени се вкупно 272 амандмани од овластени предлагачи, од кои 250 се од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или се за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година.
За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари. Растот на економијата е проектиран на ниво од 3,4 отсто, а инфлацијата на ниво до 3,6 отсто. фф/ац/
Фото. МИА Архива