• среда, 27 ноември 2024

Алтхамер и Жмијевски две недели ќе создаваат уметнички дела во МСУ

Алтхамер и Жмијевски две недели ќе создаваат уметнички дела во МСУ
Скопје, 5 јули 2022 (МИА) - Веќе четврти ден европскиот уметнички тандем Артур Жмијевски и Павел Алтхамер создаваат нови дела во просторот на Музејот на современата уметност – Скопје насловена како „Отворено студио“. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.
Како што информираат од Музејот на современа уметност – Скопје, во текот на овие две недели, полските уметници ќе создадат 30-тина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони... Посетителите се добредојдени да донесат дел од овие материјали, и со тоа да придонесат во создавањето на делата.
На 14 јули во МСУ ќе биде отворена нивна изложба, токму со овие креирани дела, насловена како „Полска школа на колаж“ (Polish School of Collage), која ќе биде поставена до 25 август 2022 година.
- Голем куриозитет е што дел од делата ќе ги подарат на Музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција. Со овој гест се реактуелизира донацијата на дела од светски познати автори. Улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ е од непроценливо значење. МСУ е симбол на солидарно Скопје, кога по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, Обединетите нации носат резолуција во која стои дека не е важна само материјалната помош, туку и културата за подигнување на духот на настраданите. Токму таа резолуција и одлуката на светскиот конгрес на уметници во Њујорк, ги повикаа сите светски уметници да донираат свои дела за разрушеното Скопје и да се удрат темелите на новата зграда. На распишаниот конкурс, првата награда ја добива познатото архитектонско студио „Тигри“ од Полска. Владата на Полска во знак на солидарност го донира овој проект на Скопје, а денес МСУ во својата колекција помеѓу другите значајни дела, располага со над 200 уметнички донации од полски уметници (212 дела од 135 уметници). Со оглед на тоа што досегашните донации се од периодот 1964-1990 година, Жмијевски и Алтхамер ја продолжуваат низата донации со современи дела, соопштија од МСУ.
На 8 и 12 јули во 20 часот, кустос Бојана Јанева ќе организира ноќни тури низ МСУ – Скопје, каде посетителите покрај тоа што ќе можат да ги погледнат актуелните изложби ќе имаат и ретка можност со личен водич да посведочат на креативната работа на Жмијевски и Алтхамер.
Инаку, Музејот е отворен за посетители во своите редовни термини, како и досега, од вторник до сабота (10 - 17 часот) и во недела (10 - 13 часот), каде може да се погледнат актуелните поставки на музејот. А оние посетители, кои се заинтересирани за уметничкиот тандем Жмијевски и Алтхамер, доколку дојдат во
музејот во периодот меѓу 14 и 17 часот ќе имаат ретка можност да посведочат на нивниот процес на работа. Минатата година Жмијевски за првпат имаше голема самостојна изложба во МСУ – Скопје. Ова претставување следуваше по неговото учество во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ во 2019 година во музејот. Уште еден ексклузивитет е што ова ќе биде првото претставување на Павел Алтхамер во Скопје. Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео. Во своите дела тој го разоткрива светот на „другите“, кои често минуваат незабележани. Тој го снима нивното секојдневие, покажувајќи како физичките и психичките ограничувања ги осудуваат овие луѓе да бидат маргинализирани во општеството. Преку експерименти со учество на избрани групи, тој се обидува да разбере тешки искуства и табу теми. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година. Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, потоа Новата Пинакотека во Минхен... Павел Алтхамер (1967) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава. Работи во различни медиуми како скулптура, перформанс, инсталација, видео. Создава скулпторски автопортрети, се појавува во перформанси и видео, настојувајќи да ја доживее материјалноста на телото и да ги дефинира сопствените ментални граници. Преку акции во кои вклучува цели заедници, тој сака да создава општествени заедници, соочувајќи се со луѓето преку уметноста. Тој го доведува во прашање значењето на монументалните споменици според обемот на неговите дела и случајноста на неговите материјали. Неговите дела повикуваат и на социјалната скулптура на Бојс и на наследството на „Отворената форма на Оскар Хансен. Тој може да се опише и како уметник со афинитет за „релациска естетика“. Учествувал на најзначајните светски изложби, меѓу кои Документа 10 (1997), на Биеналето во Венеција (2003, 2013), Берлинското Биенале (2012), Skulptur Projekte Münster (2017). Добитник е и на бројни награди, како што е биеналната Награда за современа уметност во Европа „Винсент ван Гог“ во 2004 година.фф/лв/

Остани поврзан