Алонсо: Подготвени сме за дуелот со Динамо Букурешт
- Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер подготвен го очекува клучниот дуел против Динамо Букурешт од чиј исход утревечер ќе зависи дали битолскиот тим ќе ги задржи шансите за пласман во осминафиналето во елитното натпреварување.

Битола, 19 февруари 2025 (МИА) – Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер подготвен го очекува клучниот дуел против Динамо Букурешт од чиј исход утревечер ќе зависи дали битолскиот тим ќе ги задржи шансите за пласман во осминафиналето во елитното натпреварување.
Тренерот на Еурофарм Раул Алонсо оцени дека во Битола ќе гостува многу силен тим, но оти со поддршка од навивачите македонскиот првак има шанси за победа.
„Динамо Букурешт е одличен тим и има врвни ракометари на сите позиции и ги води одличен тренер како Давид Дејвис. Овој проект го започна Чави Пасквал, а Дејвис продолжи по истиот пат. Сепак, ние играме дома и знаеме дека сме многу силен тим пред нашите гледачи. Тие се важни за нас, ни даваат нова енергија и спремни сме а да одиграме добар натпревар.“, изјави Алонсо.
„Покриени се на сите позиции, во одбраната, при контра напади, не менуваат многу ракометари. Ќе биде тешко, но ние како екипа сакаме ваков тип на натпревар. Резултатите во последните неколку недели не се позитивни за Динамо Букурешт, но сепак тоа повторно е голем тим. Сите натпревари во Лигата на шампионите се важни, но енергијата и поддршката од нашите навивачи ни се нов адут да дојдеме до позитивен резултат. Ни треба посебна вечер за да бидеме успешни“, додаде тренерот на Еурофарм Пелистер. ег
ФОТО: ЕПА