• сабота, 23 ноември 2024

Алиу: Реформите во стручното образование мора да се креираат заедно со бизнис-заедницата за да бидат ефективни

Алиу: Реформите во стручното образование мора да се креираат заедно со бизнис-заедницата за да бидат ефективни
Скопје, 12 октомври 2022 (МИА) - Стручното образование во Северна Македонија во последниве неколку години бележи сериозни реформи во кои се вклучени Министерството за образование и наука, локалните власти и компаниите. Токму соработката меѓу овие три системи и нивната кохезија, како и визијата за развој на стручното образование придонесе за зголемување на бројот на дуалните паралелки во средните стручни училишта, а со тоа и зголемување на бројот на ученици. Ова го истакна заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу на регионалната конференција на земјите од Западен Балкан на тема: „Јавно-приватното партнерство за развој на меки вештини и изнаоѓање на атрактивен начин за практичното учење“ што се одржа во Виена. Покровители на конференцијата се Агенцијата за образование и интернационализација (ОЕАД) и австрискиот Парламент. - Реформите на стручното образование се неприменливи доколку не се вклучени и компаниите како најзасегнати и примарни корисници на услугите кои ги нудат стручните училишта. Во учебната 2021/2022 година во сите средни стручни училишта во Северна Македонија имавме 97 дуални паралелки и 1400 ученици во нив. Оваа година имаме над 200 дуални паралелки и 2700 ученици. Минатата учебна година имаше 250 вклучени компании, а годинава има над 400, додаде Алиу. Напомена дека расте интересот за стручно образование кај младите, но и интересот на компаниите да се вклучат во образовниот процес. И двете страни, рече заменик-министерот, имаа корист од овој проект, односно учениците добиваат практична настава и знаења директно кај компаниите, а потенцијалниот работодавач обезбедува едуциран и стручен кадар кој е подготвен веднаш по завршување на образованието да се вклучи во производствениот процес. - За создавање подготвени кадри како Министерство делуваме преку три аспекти, односно унапредување на инфраструктурата, набавка на нови наставни програми и учебници и подигнување на мотивацијата за работа на наставниот кадар. Во соработка со ЕУ и фондовите кои им се на располагање на земјите, отворени се и три регионални центри за СОО, истакна Алиу. Посочи дека Министерството за образование и наука на учениците запишани во стручните училишта им доделува и стипендии, како дополнителен мотив за нивното стручно усовршување. Воведовме, потенцираше Алиу, и стипендии за учениците од дефицитарните струки и од дуалното образование, што исто така помогна во подигнување на мотивацијата за упис во средните стручни училишта, како еден вид мотивација, но и поддршка на воспитно - образовниот процес на младите. Според заменик-министерот за образование и наука, инвестирањето во младите и подигнувањето на интересот за стручното образование е инвестиција од која корист имаат и учениците и компаниите, но и државата. На конференцијата, покрај заменик-министерот за образование и наука учествуваа и претставници од МОН, пратеници - членови на Комисијата за образование, наука и спорт при Собранието, претставници на Центарот за стручно образование и обука, како и претставници на институциите кои се занимаваат со средно стручно образование од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. мд/ац/

Остани поврзан