• среда, 13 ноември 2024

Алиев го нарече Западот лицемерен во однос на фосилните горива

Алиев го нарече Западот лицемерен во однос на фосилните горива

Баку, 12 ноември 2024 (МИА) - Домаќинот на годинашните разговори за климата КОП29, Илхам Алиев, го искористи своето воведно обраќање за да ги повика западните влади кои му купуваат гас, а потоа му даваат предавања за загадувањето на планетата.

„За жал, двојните стандарди, навиката да се држи предавање во други земји и политичкото лицемерие станаа еден вид модус операнди за политичарите, невладините организации под контрола на државата и лажните медиуми во некои западни земји“, рече претседателот на Азербејџан.

Воведните говори на годишните конференции за климата ретко содржат такви политички напади и отворена одбрана на фосилните горива, особено од земјата домаќин. Алиев нагласи дека нафтата и гасот се „божји дар“, како и секој друг природен ресурс.

„Им требаше нашиот гас и побараа да им помогнеме. Не треба да се обвинуваат државите што ги имаат и не треба да се обвинуваат дека ги ставаат овие ресурси на пазарот затоа што му требаат на пазарот. На луѓето им требаат“, истакна тој.

Ова е втора година по ред како земја зависна од фосилни горива е домаќин на КОП. Минатата година конференцијата се одржа во Обединетите Арапски Емирати.

Алиев особено се фокусираше на европските земји кои потпишаа договори за проширување на купувањето азербејџански гас по почетокот на руската инвазија на Украина. „Тоа не беше наша идеја. Тоа беше предлог на Европската комисија“, посочи тој и ја опиша својата средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во јули 2022 година.

„Им требаше нашиот гас поради променетата геополитичка ситуација и побараа од нас да им помогнеме“, додаде тој.

Портпаролот на Европската комисија не го коментираше говорот на претседателот на Азербејџан.

Европската унија се залага за зајакнување на минатогодишниот договор за постепено укинување на фосилните горива.

Економијата на Азербејџан во голема мера се потпира на производството на нафта и гас. Во 2022 година, тоа производство сочинуваше речиси половина од БДП на земјата и 92,5 отсто од приходот од извозот, според американската Управа за меѓународна трговија.

„Како домаќин на КОП29, се разбира, ќе бидеме силен застапник на зелената транзиција. Но, во исто време, мора да бидеме реални“, рече Алиев.

Тој остро ги критикуваше американските медиуми дека Азербејџан го нарекуваат „нафтена држава“, додека нивната земја е најголемиот производител на нафта и гас на Земјата. Тој заврши со напад врз групите на граѓанското општество кои повикаа на бојкот на конференцијата поради репресивната влада на Азербејџан.

„Имам лоши вести за нив. Имаме 72.000 пријавени учесници од 196 земји. Меѓу нив 80 претседатели, потпретседатели и премиери. Значи, светот се собра во Баку и му велиме на светот: добредојде во Азербејџан“, заклучи тој. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан