• среда, 27 ноември 2024

Албанскиот премиер ја осуди „дискриминаторската“ реторика на Лондон

Албанскиот премиер ја осуди „дискриминаторската“ реторика на Лондон
Тирана, 2 ноември 2022 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама денеска го осуди Лондон заради дискриминаторските забелешки упатени кон Албанија, откако британските власти ги прозваа неговите сонародници за илегалната имиграција во Велика Британија. Зголемувањето на бројот мигранти кои со чамци го преминуваат Каналот Ламанш е проблем за британските власти. Според официјалната статистика, Албанците претставуваат мнозинство од оние кои успеваат преку Каналот да пристигнат во Велика Британија. Во низата пораки објавени на неговиот твитер-профил, Еди Рама рече дека британските власти активно  ги „дискриминирале" Албанците. „Таргетирањето на Албанците (како што некои срамно го правеа тоа кога се бореа за Брегзит) како причина за проблемите со границите и криминалот во Велика Британија е лесна реторика која ги игнорира фактите“, смета албанскиот премиер. „Албанците во Велика Британија напорно работат и ги плаќаат даноците. Велика Британија треба да се бори против криминалните банди од сите националности и да престане да ги дискриминира Албанците за да ги оправда своите политички неуспеси“, додаде тој.
Британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман ја донесе првата криза во Владата на премиерот Риши Сунак со нејзините забелешки по однос прашањето на миграцијата. Таа во расправата во Парламентот го употреби изразот „инвазија“ на мигранти во Англија, притоа посочвајќи ги конкретно албанските апликанти за азил. Неодамна беше посочено дека оваа година Каналот Ламанш го преминале 12 илјади албански мигранти, наспроти само 20 регистрирани во 2020 година. Велика Британија се соочува со рекорден број премини на мигранти со мали чамци преку Ламанш, со предвидувања до крајот на годината на Островот да пристигнат 50 илјади мигранти. Се смета дека албански криминални групи профитираат од наплата за илегално префрлање мигранти на британското копно. аб/

Остани поврзан