Алатката „Е-сандаче“ функционална, „Е-киоск“ делумно, а апликацијата „Е-услуги“ и проектот „Е-бебе“ се на добар пат да профункционираат
- Во моментот има само еден функционален „е-киоск“, што се наоѓа во Министерството за дигитална трансформација, а очекувањата се дека во февруари ќе пристигнат и други апарати што ќе бидат поставени на фреквентни локации, рече министерот.
Скопје, 12 јануари 2026 (МИА) - Три месеци пред истекот на вашата лична карта ние автоматски ви испраќаме во вашето сандаче (а информацијата стигнува и на вашата имејл-адреса) дека ви истекува личната карта за одредено време и дека можете да си ја обновите, да закажете обновување на следниот линк, рече вечерва министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, објаснувајќи ја функционалноста на алатката „Е-сандаче“.
Со воведувањето „е-сандаче“, државата, како што објасни Андоновски, може директно електронски да комуницира со граѓаните за опомени, документи, предупредувања за истекување одредени рокови.
Во гостувањето на „360 степени“ министерот нагласи дека „е-сандачето“ значи државен инбокс и електронска адреса на граѓаните во дигиталниот свет.
- Идејата е да се искористи за директна комуникација со граѓаните и тогаш кога тие немаат побарано услуга. Периодов проектот е во тест-фаза, во која системот успешно се справил со автоматско испраќање информација за истекување лични карти. Сега, три месеци пред истекот на вашата лична карта, ние автоматски ви испраќаме во вашето сандаче (а информацијата стигнува и на вашата иимејл-адреса) дека ви истекува личната карта за одредено време и дека можете да си ја обновите, да закажете обновување на следниот линк. На овој начин сакавме да покажеме колку е ефикасен овој модел и за 300.000 граѓани тоа веќе е овозможено затоа што се корисници на националниот портал - истакна Андоновски и дополнува дека пораката што стигнува до граѓаните содржи линк кој го носи корисникот кон страницата на која се закажува термин за обновување лична карта.
„Е-сандачето“, според министерот, ќе понуди и други можности за граѓаните и институциите.
Во врска со „е-киоскот“, објасни дека луѓето што дома немаат интернет, печатач или компјутер, на кој било киоск ќе може со неколку „клика“ да дојдат до потребната услуга и веднаш да платат.
- Во моментот има само еден функционален „е-киоск“, што се наоѓа во Министерството за дигитална трансформација, а очекувањата се дека во февруари ќе пристигнат и други апарати, што ќе бидат поставени на фреквентни локации. Сметавме дека ова ќе биде нова додадена вредност зашто во градовите во кои нема центри за услуги или на местата со голема фреквенција на граѓани ќе може бргу да се користи оваа услуга - 24 часа, седум дена во неделата. Не зависите ни од работното време, ни дали некој вработен може да ве услужи и ќе ги намалиме и метежите што се создаваат - нагласи Андоновски.
Прашан за „е-услугите“, информира дека апликацијата ќе нуди и електронски услуги и лични документи - лична карта, пасош, дипломи за завршено образование, уверенија,...
- Целиот изминат период работевме на средување на оваа прва фаза на апликацијата. Во разговор со економските оператори, со ангажираните лица што работат на неа, ќе ја имаме верзијата за преземање и на „Плеј стор“ и на „Епл стор“ во текот на февруари. Ова ќе биде проект што ќе се развива, нема да биде еднаш засекогаш. Искуството од другите држави вели дека минимум на шест месеци има нова верзија на апликацијата, подобрувања, нови услуги итн., но мора да почнеме од некаде и во февруари ќе ја имаме апликацијата со два лични документа (лична карта и возачка дозвола во електронски формат) и, како што ветивме, три (ја зголемуваме бројката) услуги што ќе бидат почетно достапни - рече министерот.
За проектот „Е-бебе“, што треба да го автоматизира пријавувањето новороденчиња и издавањето прв извод, Андоновски истакна дека моментно се прави тестирање.
- Мислам дека на 1 март ќе имаме функционалност во една, најголемата болница - таргетот е тоа да биде Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје зашто имаме одлична соработка. Поентата е додека мајката е сè уште во болница, да го добие првиот извод од новороденчето на апликацијата - истакна министерот. мч/вј/
Фото: принт скрин