• сабота, 23 ноември 2024

Акција за садење листопадни и зимзелени садници на градскиот кеј во Куманово

Акција за садење листопадни и зимзелени садници на градскиот кеј во Куманово
Куманово, 8 март 2021 (МИА) - Почна акција за садење садници на градскиот кеј во Куманово, информираа денеска надлежните од ЈП „Чистота и Зеленило“. Во тек е садење на 120 украсни грмушки на оваа локација, а почнато е садењето на 40 врби и на листопадни и зимзелени садници. Во тек е акција на садење садници во објекти на кумановската градинка, училиштата, верските објекти, цркви и џамии. - Наскоро ќе насадиме 30 листопадни садници во Агино село, 30 садници даб, во близина на црквата накај населбата „Карпош“. Во централното градско подрачје ќе се сади поголема количина на садници, листопадни и зимзелени садници, видови растенија кои не се произведуваат во расадникот и ги набави општината на јавен тендер, изјави директорката на претпријатието Цветанка Ивановска. Новите садници ќе придонесат за намалување на аерозагадувањето, сметаат надлежните од претпријатието кои изминативе години ги обновија и засадија нови дрвореди по булеварите и улиците во Куманово. Во тек е обновување и на цвеќето кое е насадено во зимскиот период, кое е произведено во расадникот на „Чистота и Зеленило“. Во наредните недели ќе се садат повеќе видови цвеќе. Претходно на локалитетот „Студена вода“ беа насадени 40 листопадни садници, 60 украсни грмушки и 1.500 чемпреси. Во декември, лани општина Куманово склучи договор со избран економски оператор за набавка на садници „Розен центар Дооел“ од Стримница, Желино. Вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ е 861.173.44 денари. Општината со заштедените средства планира да спроведе дополнителни јавни набавки за садници кои се дел од среднорочните мерки за намалување на аерозагадувањето. ам/аа/

Остани поврзан