Акција за заловување кучиња скитници во Вевчани
- Општина Вевчани почна со акција за заловување и хуман третман на бездомни кучиња, информира градоначалникот Спасе Кочовски.
Вевчани, 12 декември 2024 (МИА) - Општина Вевчани почна со акција за заловување и хуман третман на бездомни кучиња, информира градоначалникот Спасе Кочовски.
Заловувањето, истакна, ќе го врши ветеринарна амбуланта од Македонски Брод, која располага со соодветна опрема и услови за хуман третман на кучињата, по што повторно ќе бидат вратени во Вевчани.
Целта на акцијата, како што нагласи за МИА, е безбедно движење низ вевчанските улици, а заловени биле пет - шест кучиња.
- Иако во Вевчани нема многу кучиња скитници, по реакција на жители, веднаш пристапивме со нивно заловување, истакна Кочовски, нагласувајќи дека доколку има потреба и во иднина ќе обезбедат хуман третман на кучињата скитници.
Упати апел до сопствениците на миленици, своите кучиња да ги чуваат во сопствените дворови.
За заловување и хуман третман на кучињата скитници Општина Вевчани издвоила околу 100.000 денари. сс/мд/
Фото: Општина Вевчани