• петок, 27 декември 2024

Активистот Суад Мисини со обраќање пред Работната група за надзор над спроведувањето на Законот за матична евиденција

Активистот Суад Мисини со обраќање пред Работната група за надзор над спроведувањето на Законот за матична евиденција

Скопје, 23 јуни 2023 (МИА) - Претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска, денеска, во Собранието на Република Северна Македонија одржа состанок со Работната група која е задолжена за надзор над спроведувањето на Законот за матична евиденција.

На состанокот, како што соопшти собраниската прес-служба, се обрати активистот Суад Мисини, кој во текот на вчерашниот ден започна штрајк со жед, со цел да им помогне на граѓаните кои имаат проблем со личните документи.

-Тој во своето излагање пред пратениците и преставниците на институциите кои се надлежни за спроведувањето на Законот го поздрави носењето на истиот и заложбата на пратениците, но изрази жалење што овој проблем чекал толку многу години да се реши. Истовремено, порача дека се потребни итни измени во Законот за живеалиште и престојувалиште за ранливите категории граѓани, се наведува во соопштението.

Мираковска информираше дека на 21 јуни 2023 година, Законот за матична евиденција на граѓаните е објавен во Службен весник на РСМ. Таа појасни дека со овие измени во законот, на над 700 наши граѓани им се овозможува да ги решат нивните проблеми и да добијат лични документи. Исто така со измените ќе се реши и проблемот со државјанството и на секое дете кое ќе биде родено во земјата, затоа што ќе добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители имаат или немаат лични документи.

-Мираковска се согласи дека е потребно што е можно поскоро да се направат измени и во Законот за живеалиште и престојувалиште, со што ќе се овозможи на уште една ранлива категорија граѓани да извадат лични документи. Од нејзина страна беше дадено ветување дека ќе ги преземе потребните чекори за негова реализација. Мираковска апелираше до пратениците колеги од опозицијата да го поддржат процесот, затоа што, секој човек има право на достоинствен живот, се посочува во соопштението.

По завршувањето на состанокот, како што е наведено во соопштението, Мираковска се упати кон „Жена парк“ да го посети Мисини, со замолница да прекине со штрајкот и да внимава на своето здравје, уверувајќи го дека Собранието во најбрз можен рок ќе го реши проблемот. дма/ац/

Фото: Собрание на РСМ

 

 

Остани поврзан