• вторник, 24 декември 2024

Ако Камила Паркер стане кралица, нејзините деца Том и Лора не добиваат никакви титули

Ако Камила Паркер стане кралица, нејзините деца Том и Лора не добиваат никакви титули
Лондон, 7 февруари 2022 (МИА) - Кралицата на Велика Британија, Елизабета Втора годинава ја прославува 70-годишнината на стапувањето на престолот, одбележувајќи ја, меѓу другото, и со изјава дека сака Камила Паркер Боулс да стане кралица на денот кога нејзиниот син ќе стане крал. Последниве 17 години, откако Камила и принцот Чарлс се во брак, се сметаше дека таа нема да ја преземе титулата кралица и оти на денот кога Чарлс ќе стане крал, таа ќе остане „принцеза сопружничка“. Одлуката Камила да биде „само“ принцеза беше донесена поради атмосферата што владее околу неа последните речиси 40 години. Законски, Камила ја има титулата принцеза од Велс, но не ја користи. Кралското семејство проценило дека јавноста лошо ќе реагира доколку Камила ја преземе титулата на покојната принцеза Дијана, за која Британците тагуваат веќе 25 години од нејзината смрт. Освен тоа, Камила е сметана за одговорна за пропаѓањето на бракот на Дијана и Чарлс. Но, она што беше сосем незамисливо пред 20 години ќе стане реалност - по волја на кралицата на Велика Британија, ако принцот Чарлс стане крал, тој ќе има право на својата сопруга да ѝ ја додели титулата кралица. Но, Камила ќе биде и првата кралица во историјата која зад себе има поранешен сопруг и деца од првиот брак. Таа била мажена за Ендрју Паркер Боулс и има две деца - Том и Лора. Според официјалните кралски правила и решенија, тие двајца нема да добијат никакви титули. Член на кралското семејство може да се стане само со раѓање или преку брак. Тоа значи, не постои можност Том и Лора, во овој случај посинокот и поќерката на идниот крал, да добијат некакви кралски титули и привилегии. А пак, правото на британскиот престол може да се стекне само со раѓање. Така што, и гласините дека Камила би можела да стане монарх по евентуална смрт на Чарлс, се целосно неосновани.  си/ссм/

Остани поврзан