• вторник, 24 декември 2024

Академски дијалози на министерката Петровска со студентите на Филозофски факултет

Академски дијалози на министерката Петровска со студентите на Филозофски факултет

Скопје, 2 мај 2023 (МИА) - Безбедноста на Северна Македонија, политичката и воената поддршка за одбрана на Украина, неконвенционалните закани и сајбер нападите во Северна Македонија, како и процесите за модернизација на Армијата, биле темите на кои министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска дискутирала со студентите и професорите од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје, во рамки на серијата академски дијалози што се организираат по повод одбележувањето на годишнината од членството на Северна Македонија во Алијансата и Денот на НАТО.

На почетокот на своето обраќање пред студентите, министерката Петровска образложила зошто членството во НАТО е успешна приказна.

- Како дел од тој голем чадор на безбедност, ние во суштина на граѓаните им даваме друг вид на заштита, не само од аспект на безбедност, туку ние им даваме сигурност низ економската призма. Бројот на компании кои Северна Македонија ја гледаат како побезбедна држава, како подобра држава за инвестирање апсолутно се зголемува откако ние сме станати земја членка на Алијансата. Да не заборавиме. Приклучувањето наше кон Алијансата не значи и не е само израз на добра волја. Ако ги видите наназад, од осамостојувањето па до пред некоја година кога станавме членка на НАТО, сите говори на сите политички партии, ќе видите дека имаме стратешки две цели – НАТО и ЕУ. Меѓутоа, на крајот во историјата не им се бројат на политичарите колку пати ги споменале во своите говори НАТО и ЕУ, туку се гледа што сме направиле за да станеме НАТО членка и за да станеме членка на ЕУ. Затоа мислам дека одлуката да се направи сериозниот исчекор во 2018 година, со потпишувањето на Преспански договор, се гледа негова вредност во инвестирањето во иднината на оваа држава, што всушност покажува дека ние политичарите понекогаш имаме малку потешка задача. После извесно време се виде дека таа одлука е многу исправна,потенцирала Петровска, соопштија од Министерството за одбрана.

Говорејќи за војната во Украина, пред студентите министерката Петровска порачала дека секој еден од нас има основна обврска да биде на страната на меѓународното право, кое вели дека ниедна агресија, особено агресија врз суверена независна држава не може да биде неказнета.

- Зошто ја донесовме одлуката за донирање на воена опрема и помош? Заради тоа што Украина е суверена држава и Украина има право да се одбрани. Да не заборавиме, војната во Украина не започна од Украина, туку започна со неоправдана агресија од страна на Русија. Основна обврска на секој еден од нас е да биде на страна на меѓународното право. Тоа е всушност вистинската причина зошто големиот дел од земјите во светот, слободно ќе кажам, се одлучивме и се обединивме да и помогнеме на Украина, не во војната, туку во одбраната на сопствената територија, нагласила Петровска.

Министерката се осврнала и на потребата на развој на капацитетите  за одбрана од современите опасности, како што е сајбер одбраната.

- Тука има сериозен предизвик за секоја од државите, колку повеќе една технологија се развива толку побрзо и повеќе ние мора да инвестираме во сопствените капацитети за да бидеме способни да дадеме одговор на тие закани. Апсолутно работиме на зајакнување на капацитетите на институциите кои треба да ни гарантираат дека во секој случај ако се појави било каков сајбер напад, институцииите ќе бидат подготвени да одговорат, реклља меѓу другото министерката за одбрана Петровска.

Во дијалог со студентите, министерката Петровска одговарала и на нивните прашања за одбраната, Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, како и вложувањата кои Министерството во последните години ги презема за модернизација на Армијата. цр/са/

Фото:МО

Остани поврзан