• сабота, 23 ноември 2024

Академиците дел од консултациите за даночната реформа

Академиците дел од консултациите за даночната реформа
Скопје, 24 август 2022 (МИА) - Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска одржа состанок со академиците од Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите - МАНУ, на која фокусот беше ставен на Концептот на даночна реформа. - Академиците ја поздравија реформата и ја охрабрија Владата да продолжи во напорите за реформи во даночната пoлитика, во насока на обезбедување долгорочен и одржлив раст и развој на земјата. Беше покрената иницијатива да се продолжат дебати и за другите важни прашања и реформи што се спроведуваат во јавните финансии, соопшти по средбата Министерството за финансии. Министерот Бесими порача дека унапредување и развој на државата нема да се постигне без науката и оти затоа е клучно да се слушне мислењето на членовите на МАНУ, поткрепено со анализите и истражувањата што ги спроведуваат. - Тоа е драгоцен придонес во оваа реформа што ја подготвуваме и треба да се спроведе во наредниот период, рече Бесими на состанокот во Министерството за финансии, на кој присуствуваа и заменик-министерот за финансии Филип Николоски и директорките на Управата за јавни приходи и Царинската управа, Сања Лукаревска и Славица Кутиров. Дијалогот меѓу двете институции во креирањето на макроекономската и развојната политика, како и унапредување на системот на јавните финансии и спроведување активности насочени кон поттикнување на економскиот раст и развој, се дел од областите на соработка дефинирани во Меморандум. - Ова е клучна реформа којашто има за цел обезбедување одржливи јавни финансии и долгорочен економски раст и развој. Тоа е процес на кој се работи од 2020 година со носењето на Стратегијата за даночна реформа и сме подготвени како Влада да чекориме понатаму, но не по секоја цена. Затоа сметаме дека е добро што во јавноста се споделуваат мислења и се отвори дебата преку која можеме да ги слушнеме различните ставови и аргументации, и врз основа на тоа да креираме најповолно решение за даночниот систем во земјата, потенцира министерот за финансии и укажа дека таа не треба да се гледа засебно, туку заедно со реформите што се прават преку Законот за буџети и воспоставувањето фискални правила за трошење на буџетските средства, како и механизми за контрола на трошењата. Тој на состанокот се осврна и на мерките што претходно се преземени за воспоставување правила и на расходната страна, која меѓу другото е насоечна кон поголема транспареност и одговорност во трошењето на прибраните средства во Буџетот, како и на Акцискиот план за сузбивање на сивата економија. Концептот на даночна реформа Министерството за финансии го претстави пред јавноста на почетокот на овој месец. Во рамки на јавната дебата се одржаа состаноци со бизнис заедницата, екпертите, невладиниот сектор и други засегнати страни кои можат да дадат позитивен придонес во креирањето на оптимални решенија кои треба да почнат да се применуваат етапно во период од 2023 до 2025 година. лв/сп/

Остани поврзан