• среда, 29 јануари 2025

Азески на средба со раководството на Клубот на извозници и на Институтот за извоз: Комората го лансира новиот концепт за извоз

Азески на средба со раководството на Клубот на извозници и на Институтот за извоз: Комората го лансира новиот концепт за извоз

Скопје, 27 јануари 2025

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески имаше работна средба со раководството на Клубот на извозници (проф. д-р Дарко Лазаров, Анатол Кутрески „Пекабеско“ АД Скопје, Зоран Н. Илиев „Актива“ ДОО Штип и Евгенија Ангеловска „Ламинати ком“ ДОО Прилеп) и со членовите на Управниот одбор на Институтот за извоз (Боријан Борозанов „Џонсон Мети“ Скопје, проф. д-р Ирена Кикеркова, Андреа Серафимовски „Гранит“ АД Скопје и проф. д-р Емилија Митева-Кацарски), како две клучни институции во новиот концепт за извоз на Комората.

Клубот на извозници е специјализирано тело во рамките на Комората кое има повеќе од 200 членки извозни компании, додека, пак, Институтот за извоз како новоформирана институција треба да биде алатка за стручна, експертска и за професионална поддршка на компаниите. Истовремено, Институтот преку тренинг-центарот ќе испорачува тематски обуки, специјализирани студии и едукативни програми за зајакнување на кадровските и на менаџерските капацитети на извозните компании, преку различни модули и програми со домашни и странски експерти.

На средбата претседателот Азески го претстави планот на активности кои ќе следуваат во наредниот период, а кои се однесуваат на целосно операционализирање и ставање во функција на новиот концепт за извоз на Комората. Имено, тој го најави настанот „Ден на извозот“, кој ќе се одржи во просториите на Комората на 31.1.2025 (петок), во чии рамки е планирана седница на Националниот совет за извоз, а на чие чело е токму Азески како претставник на бизнис-секторот, заедно со претседателот на Владата на РСМ, ресорни министри од сферата на економијата, како и со претставници на најголемите и најуспешни извозни компании.

Овој совет претставува платформа за јавно-приватен дијалог за прашања поврзани со извозот и како советодавно тело артикулира иницијативи и предлог-политики за унапредување на извозот и за обезбедување поголема поддршка за извозно ориентираните компании.

На настанот е планирано свечено отворање на новите простории на Институтот за извоз и промоција на активностите кои успешно ги реализираше Комората изминатиот период, со цел поголема поддршка за извозните компании преку обезбедена експертиза во процесот на воведување меѓународни стандарди за квалитет, изработка на маркетинг-стратегии за извоз, воведување дигитални решенија во работењето на компаниите и техничка поддршка за пристап до финансии. Наедно, ќе биде промовирана и новата дигитална платформа „EASY EXPORT“, која на едно место обезбедува корисни информации за извозните компании и претставува корисна алатка за промоција на македонските компании преку извозниот директориум, кој е дел од платформата.

На средбата претседателот на Клубот на извозници проф. д-р Дарко Лазаров потенцираше дека Клубот на извозници годинава, во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РСМ, ќе организира неколку настапи на меѓународни саеми за извозните компании од земјоделско-прехранбениот сектор, а во план е организирање повеќе Б2Б-средби и купувачки мисии за македонските компании, со цел вмрежување и изнаоѓање нови трговски партнери. Истовремено, Лазаров информираше за планот за организирање годишна конференција посветена на македонските извозници, со цел нивна поголема афирмација и промоција на македонските брендови.

Сите овие активности ја потврдуваат заложбата на Стопанската комора да изгради сериозни институционални капацитети во делот на извозот, па токму лансирањето на новиот концепт за извоз на Комората базиран на трите столбови (Национален совет за извоз, Клуб на извозници и Институт за извоз) е во насока на испорачување конкретни алатки и услуги за извозните компании.

Стопанска комора на Северна Македонија

______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото Стопанска комора на Северна Македонија

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан