• вторник, 24 декември 2024

АЕТМ и ОПМ ќе соработуваат против сивата економија за нарачки на социјални медиуми

АЕТМ и ОПМ ќе соработуваат против сивата економија за нарачки на социјални медиуми

5 јуни 2024 

Со цел намалување на сивата економија во е-трговијата и заштита на потрошувачите, Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), Д-р Нина Ангеловска Станков, и Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), Д-р Маријана Лончар Велкова, потпишаа меморандум за соработка.

Еден од главните предизвици во е-трговијата е сивата економија која преставува нелојална конкуренција за регистрираните е-трговци чии интереси ги застапува АЕТМ. Истата најчесто се маниферстира преку нарачки на социјалните медиуми, при што потрошувачите се многупати оштетени и не се во можност да ги остварат своите потрошувачки права. Ова пак е од друга страна во интерес на ОПМ која ги штити потрошувачите.

Асоцијацијата за е-трговија во изминатите неколку години презема активности за адресирање на овој предизвик, а главниот фокус во последната година е ставен на само-заштита односно апелирање и едуцирање на потрошувачите. АЕТМ и ОПМ планираат да организираат заеднички активности со цел да влијаат на намалувањето на сивата економија во е-трговијата, да ги едуцираат потрошувачите како да ја избегнуваат сивата економија и да го поттикнат купувањето на интернет од регистрирани е-трговци со цел да се поттикне дополнителен раст и развој на е-трговијата во Република Северна Македонија.

Во меморандумот се наведува дека АЕТМ и ОПМ ќе разменуваат информации од заеднички интерес, ќе соработуваат на иницијативи и проекти поврзани со е-трговијата и заштита на потрошувачите, ќе споделуваат тековни и нови искуства, ќе разменуваат професионални совети и ќе придонесуваат за развој на соодветни програми од областа на е-трговијата и заштитата на потрошувачите.

„Сивата економија во е-трговија, како еден од предизвиците за развој на е-трговија е во фокус на годишната програма на АЕТМ веќе неколку години. Неодамна го унапредивме единствениот регистар на е-трговци кој ги содржи сите регистрирани е-продавачи. Потоа, беџот за верификуван е-трговец е уште една алатка која на потрошувачите им дава сигнал дека се работи за регистриран и проверен е-трговец. Нашите напори ги насочуваме и кон апелирање за само-заштита од страна на потрошувачите за да не се доведуваат во ситуации кога се измамени, кога не добиле фискална сметка или фактура, кога не можат да го остварат правото пред институциите или пак да стапат во контакт со продавачот за поврат на пратката. Платформата за беџот содржи и листа со надлежни институции каде потрошувачите може да се информираат за надлежностите на институциите и соодветно да поднесуваат поплаки. Верувам дека секогаш со здружени напори можеме да направиме многу повеќе, така заедно со ОПМ верувам дека ќе успееме да реализираме заеднички активности и да придонесеме заедно повеќе кон оваа значајна тема.” - истакна Претседателката на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска Станков

Претседателката на ОПМ, Д-р Маријана Лончар Велкова истакна дека со овој меморандум се потврдуваат нашите заеднички заложби за подобрување на позицијата на потрошувачите при купување онлајн, подигање на нивните знаења за легалната интернет продажба, препознавање на овластени е-трговци кои ги применуваат законските прописи содржани во договорите на далечина поместени во Законот за заштита на потрошувачите и правење разлика помеѓу нив и нелегалните е-трговци на социјалните мрежи кои им нудат производи и услуги. Основите за користење на правото на приговор кога потрошувачите купуваат онлајн и можноста за отстапување од договорот се дел од нашата законска регулатива, а индициите дека не се работи за регистрирани и овластени е-трговци е неистакнување на овие права на социјалните мрежи. Заеднички ќе се потрудиме потрошувачите да стекнат поголеми знаења и искуства уште од најраната возраст кога купуваат онлајн, а со тоа да помогнат во сузбивање на вакви девијантни појави на пазарот на мало и да придонесат за фер конкуренција, намалување на сивата економија и сузбивање на нечесните пазарни практики. Воедно ќе работиме кон подобрување на законската регулатива и сајбер контролата при продажбата на социјалните мрежи и взаемна соработка со надлежните институции за надзор над пазарот.

Овој меморандум за соработка е потпишан како дел од иницијативата „Градење на подобра заедница за е-трговија“ која се реализира во рамки на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“ имплементиран од Консалтинг за стратешки развој, а поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Еден од клучните аспекти за градење на подобра заедница за е-трговија е токму и борбата со нелојалната конкуренција на е-трговците и намалување на сивата економија, како и заштитата и едукацијата на потрошувачите за купување од регистрирани е-трговци.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан