• четврток, 26 декември 2024

Адмирал Бауер: На НАТО му е потребна воена трансформација

Адмирал Бауер: На НАТО му е потребна воена трансформација

Брисел, 17 јануари 2024 (МИА) – Претседателот на воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, ги повика јавниот и приватниот сектор на Западот да се подготват за ера во која сè може да се случи во секое време, вклучително и војна. 

-На НАТО му е потребна воена трансформација, рече холандскиот адмирал на отворањето на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.

Тој нагласи дека владите и компаниите од Алијансата живееле во време кога сè било во изобилство, се било предвидливо и можело да се контролира. 

-Од руската инвазија во 2022 година членките на НАТО мора да се прилагодат на ера во која сè може да се случи во секое време, ера во која мора да го очекуваме неочекуваното, во која мора да се фокусираме на ефикасноста за да бидеме вистински ефективни, рече Бауер.

Адмиралот зборуваше во време кога воената помош за Украина од САД и Европската унија е или блокирана или забавена поради политички спорови. 

Тој вети дека помошта на НАТО за Украина ќе продолжи.

-Украина ќе ја има нашата поддршка секој нареден ден, бидејќи резултатите од оваа војна ќе ја одлучат судбината на светот, рече тој. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера го предупреди Западот да не се двоуми да му помогне на Киев, бидејќи тоа може да ја продолжи војната со години. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан