• среда, 27 ноември 2024

Админстрацијата на Трамп употребува тактика на присила кон Косово, според конгресменот Енгел

Админстрацијата на Трамп употребува тактика на присила кон Косово, според конгресменот Енгел
Вашингтон, 28 март 2020 (МИА) - Конгресменот Елиот Енгел, водечки демократ и претседател на Комитетот за надворешна политика во Претставничкиот дом, во соопштение за јавноста изрази загриженост за политиката на претседателот Доналд Трамп кон Косово. Во соопштението објавено од Koмитетот синоќа, тој укажа дека има нешто погрешно во политиката кон Косово што „треба да го исправиме“. Изрази сериозна загриженост поради тоа што „Администрацијата на Трамп употребува тактиката на присила кон Приштина“. Тој алудираше на притисокот што Стејт департментот го прави врз премиерот Албин Курти за укинување на царините за увоз на стоки од Србија. -Администрацијата употреби економски мерки против Приштина само кратко време по стапувањето на Курти на функцијата. Наместо да ја остави Владата, сега соочена со пандемија, да вработи свои луѓе во агенциите и да воспостави внатрешни процедури, таа придонесува кон политичката криза во Приштина во врска со царините, истакна Енгел. Во соопштението се вели дека укинувањето на царините од страна на Косово можеби има смисла, бидејќи тие ја загрозуваат економијата на земјата повеќе отколку што можат да бидат оружје за постигнување мировен договор со Србија. -Без разлика на тоа, царините се легитимен инструмент на секоја суверена земја, и како такви претседателот Трамп ги употребува насекаде низ светот против наши непријатели, како од економски така и од политички причини, укажа конгресменот. Се додава дека Вашингтон употребува прекумерни тактика против пријател кој „зависи од нашата поддршка“. Ја повика Администраицијата да работи со Владата на Курти, во изнаоѓање политики кои промовираат мир и просперитет. -Додека српската дипломатија низ светот промовира повици да се повлече признавањето на независноста на Косово, и Србија купува ракетни системи и оружје од Русија, зацврстувајќи ги врските со Москва, притисокот врз Приштина за некакви царини кон Србија е „целосно неизбалансиран“, вели конгресменот Енгел во своето обраќање до Администрацијата на Трамп. Енгел е добар познавач на приликите на Балканот и во текот на конгресна турнеја на регионот во 2019 година тој ги посети Косово, Србија и Северна Македонија. кб/ац/

Остани поврзан