• среда, 25 декември 2024

Адеми-Вилимец: Чешка поддршка за наше членство во ЕУ

Адеми-Вилимец: Чешка поддршка за наше членство во ЕУ

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Северна Македонија Арбер Адеми денеска имаше работна средба со делегација на парламентарната Комисија за европски прашања на Чешката Република, предводена од претседателот на Комисијата Владислав Вилимец.

Адеми, како што информира собраниската прес-служба, ги истакна традиционалните пријателски релации со Чешка и одличната соработка на сите полиња, од почетокот на воспоставувањето на нашите меѓусебни дипломатски односи, кои следната година ќе одбележат 30 години од нивното воспоставување.

На состанокот Адеми го поздрави засилениот ангажман на ЕУ во регионот на Западен Балкан, од аспект на напредокот и нашите подготовки за ЕУ членство и во тој контекст и на Чешката Република. Адеми информира дека отпочната е процедурата за изгласување за уставните измени во Парламентот за што, како што се наведува, ќе биде потребно двотретинско мнозинство.

Претседателот на чешката Комисија за европски прашања Владислав Вилимец ја потврди поддршката на Чешка за нашиот евроинтегративен процес. Истакна дека секое пролонгирање значи и губење на време и пропуштање на позитивниот моментум за почеток на преговорите во ЕУ. Тој изрази подготвеност да ги сподели чешките искуства за ЕУ членство.

Во дискусијата учествуваа и членовите на Комисијата, Марија Петрушевска и Санела Шкријељ, кои ја истакнаа подготвеноста на земјата да ги спроведува потребните европски реформи, како и определбата на сите граѓани и политички партии за европска држава. мд/цр

фото: Собрание 

Остани поврзан