• понеделник, 23 декември 2024

Агрон Фазлији избран за претседател на регионалната занаетчиска комора на Куманово

Агрон Фазлији избран за претседател на регионалната занаетчиска комора на Куманово

Куманово, 2 февруари 2024 (МИА) - Агрон Фазлији е старо-новиот претседател на Регионалната занаетчиската комора Куманово, одлучија занаетчиите од североистокот на денешното изборно собрание.

На изборното собрание присуствувале триесетина претставници од сите гранки на занаетчиството, фризери, механичари, слаткари … од општините од североистокот. Во наредниот четиригодишен мандат, тој и претставниците на Одборот ќе се залагаат за сузбивање на „сивата“ економија, квалификација, преквалификација, доквалификација за одредени занаети.

Целта, како што појаснија во изјавата за медиумите е да се поттикнат учениците, младите да се ориентираат кон занаетчиството, а со тоа и да се намали дефицитот во одредени професии.

- Напорни беа изминативе четири години, пандемија, енергетска криза, економска. Преземавме повеќе чекори, обезбедивме субвенции и од локалните и националните власти. Чест, но и одговорност е да се претставуваат потребите на занаетчиите од североистокот. Нè чека тежок период. Со идната власт која и да биде ќе разговараме за воспоставување на политики кои ќе го промовираат занаетчиството, изјави Фазлији.

Во однос на локалните потреби на занаетчиите уште еднаш ќе побараат од локалната власт во Куманово да им се отстапат простории во Занаетчискиот дом, објект изграден од занаетчиите во градот за потребите за сувенирница.

Јелена Спасова, извршен директор на републичката занаетчиската комора му честиташе на Фазлији за изборот. Таа најави дека Занаетчиската комора на Северна Македонија ќе организира ски куп за фризерите и козметичари, предвидено е да се одржат и панел дискусии за претседателите од коморите од земјите од Заапден Балкан и Хрватска и Словенија, втората ќе биде посветена на неформалното и дуалното образование со националните експерти од таа областа, најави Спасова.

- Наредните денови 24 и 25 ќе се претстават брендови на познати фризери и козметичари од Балканот, изјави Спасова.

Таа кажа дека првпат во Куманово е формирана и секцијата на фризери и козметичари, чиј претседател е Жаклина Путинска.

- Фризерско-козметичарката секција ќе работи во насока на промоција на занаетите. Оваа секција беше потребна и многу поодамна и се надеваме дека преку нашето дејствување сега и кај нас ќе се спроведуваат обуки, квалификации, доквалификации исто како што се спроведуваат надвор од државава, изјави Путинска.

Покрај учениците од средното стручно училиште, секцијата ќе биде достапна за сите оние кои се заинтересирани за отворање на фризерски и козметичарски салони. ам/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан