• среда, 27 ноември 2024

Агенцијата за управување со одземен имот лани донирала предмети во вредност од над 760.000 евра

Агенцијата за управување со одземен имот лани донирала предмети во вредност од над 760.000 евра
Скопје, 22 август 2021 (МИА) – Вкупно 90 машини за перење, 86 возила и 19 парчиња компјутерска опрема во текот на оваа година доделила Агенцијата за управување со одземен имот, и тоа на повеќе државни органи, фондови, агенции и дирекции. Во тек е и акцијата за донација на машини за перење на алишта, наменети за јавните здравствени установи, болници, затвори и градинки, изјави за МИА директорот на Агенцијата, Фатон Асани. Тој посочи дека за време на пандемијата, како и воопшто, Агенцијата доделила значително количество на облека, разна стока, обувки, компјутерска опрема, алати, клима уреди и други предмети, ткаенина за изработка на заштитни маски, завеси за градинки, реквизити за домаќинството, предмети за градинсарството, како и машини за перење алишта. Според расположливите податоци, лани биле отстапени 833.065 парчиња разни предмет, во вредност од 148.435 евра или 9.128.811 денари. Поточно, минатата година биле доделени 150 возила со вкупно проценета вредност од 576.570 евра или 35.459.014 денари на други институции. Исто така, Агенцијата лани отстапила 19 парчиња компјутерска опрема, во вредност од околу 7.000 евра или 430.000 денари и 90 машини за перење на алишта вредни околу 30.000 евра или 1.845.000 денари. Во текот на оваа година, Агенцијата отстапила околу 86 возила со вкупно проценета вредност од 349.590 евра или 21.500.000 денари на други институции. Во моментов се одвива и акцијата за донација на машини за перење на алишта за домаќинство, во вредност од приближно 30.000 евра. Овие донации се наменети за јавните здравствени установи, болници, градинки и затвори. Инаку, Агенцијата за управување со одземен имот според основот по кој е одземен имотот, располага со привремено одземен имот и имот одземен со правосилна пресуда или одлука на друг орган. Според природата на одземениот имот, Агенцијата располага со недвижен конфискуван имот, движен имот, акции, удели. По донесената одлука на судот или друг орган за привремено одземање на имот, имотна корист или предмети, тие, без одлагање, ја известуваат Агенцијата. По примање на имотот, како што информира директорот Асани, Агенцијата врши процена на неговата пазарна вредност и ги користи услугите на Бирото за судски вештачења. Директорот потенцира дека менаџирањето со движниот имот Агенцијата го врши преку продажба и бесплатно отстапување, а кога станува збор за недвижен имот менаџирањето се одвива преку продажба, бесплатно отстапување и давање под закуп. Како што вели, при продажбата на недвижен имот Управниот одбор носи одлука, а Владата дава согласност. При продажбата на движен имот Управниот одбор донесува одлука, по која директорот на Агенцијата носи решение. Инаку, продажбата на движниот и недвижниот имот ја спроведува Комисија формирана од страна на Директорот. Во однос на менаџирањето со одземен имот, Асани вели дека тоа зависи од природата и видот на конфискуваниот имот. Како што појаснува, постојат случаи во кои нема услови за продажба на конфискуваниот имот. - Пример, кога предмет на постапување се лесно расипливи одземени предмети, одземени предмети со ограничен рок на траење, храна, лекови, земјоделски и раноградинарски култури, живи животни, отпадоци и остатоци кои се продаваат на трговско друштво за собирање на отпад и слично, Агенцијата ќе постапува во итна постапка, објаснува тој. Постапката за продажба на одземениот имот се реализира на начин што се објавува оглас. согласно постапка и начин предвидени со закон и продажбата на недвижниот или движен имот се спроведува по електронски пат со јавно наддавање. Имотот кој Агенцијата не може да го продаде, го отстапува на други државни органи, фондови, агенции, дирекции, јавни установи, независни регулаторни тела основани од државата, трговски друштва, како и единиците на локалната самоуправа, по претходна согласност на Владата. - Агенцијата може одредени предмети како храна, облека и безалкохолни пијалаци да ги отстапи без надоместок на државни органи, здруженија на граѓани и фондации, согласно со закон за што ја известува Владата, вели Асани. Од јули минатата година, до јули оваа година, согласно увидот во евиденцијата за примените правосилни преди, Агенцијата има примено вкупно 250 пресуди за разна стока и предмети. Бисера Трајковска

Остани поврзан