• понеделник, 23 декември 2024

Агелер: Институциите да одлучат дали ќе дејствуваат, името на Мерко не е единственото што се разгледува

Агелер: Институциите да одлучат дали ќе дејствуваат, името на Мерко не е единственото што се разгледува

Скопје, 23 јуни 2023 (МИА) - Институциите се на ред да одлучат дали сакаат да дејствуваат или да истражат. Се надеваме дека ова праќа порака до оние кои ги злоупотребуваат функциите за кои се избрани од граѓаните, дека ќе одговараат и дека не се добредојдени во САД, порача амбасадорката на САД Анџела Агелер, за ставањето на американската црна листа на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Таа во изјава за „Телма“ потенцира дека тековниот процес на назначување поединци под различни режими на санкции е внимателен, промислен, а понекогаш и долг.

- Законот на САД бара од државниот секретар да именува поединци за кои имаме веродостојни докази за корупција и јавно да ги именува лошите актери – преку укинување  на правото за влез во САД со ова означување, што е начин да покажеме дека ја поддржуваме борбата на Северна Македонија против оваа болест на нечесноста. Ова го правиме на глобално ниво за да го поттикнеме владеењето на правото и да им покажеме на оние кои работат на одговорност ширум светот дека ја имаат нашата поддршка, вели Агелер.

Амбасадорката на САД посочува дека мора да имаат силни докази за да ги докажат наводите за корупција, а кога ќе ги докажат, според американскиот закон, мора да им одбијат влез на оние кои ја злоупотребиле својата моќ.

Името на градоначалникот Мерко, вели, не е единственото што внимателно се разгледува во Вашингтон. 

-Можам да ве уверам дека името на г-дин Мерко не е единственото што внимателно се разгледува во Вашингтон. Ќе продолжиме тесно да соработуваме со оние кои бараат да се уништи ракот на корупцијата во Северна Македонија и да се изгради силно, просперитетно и динамично општество кое што секој граѓанин го заслужува, додава Агелер.бт/бак/

Фото/ МИА Архива

Остани поврзан