Австралискиот премиер го осуди подметнувањето пожар во синагогата во Мелбурн
- Австралискиот премиер Ентони Албанез го осуди денешниот напад врз синагога во Мелбурн, кој предизвика значителна штета.
Мелбурн, 6 декември 2024 (МИА) – Австралискиот премиер Ентони Албанез го осуди денешниот напад врз синагога во Мелбурн, кој предизвика значителна штета.
Полицијата во државата Викторија соопшти дека иследниците за подметнување пожари и експлозиви биле на местото на сомнителниот пожар во синагогата Адас Израел во областа Рипонлеа во југоисточниот дел на Мелбурн. Градот е главен град на јужната австралиска држава Викторија.
- Ова е невидено. Насилство, заплашување и уништување на храмови е нешто што никогаш не треба да го видиме во Австралија. Тоа е ризик за животи, јасно е дека има за цел да создаде страв во заедницата, изјави Албанез за радиото Еј-Би-Си Мелбурн.
Властите го добиле повикот околу 4:10 часот утрово и им било кажано дека двајца мажи биле внатре во синагогата и истуриле течност на подот, соопшти полицијата.
Еден верник ги прекинал и побегнале. Мажот кој се соочил со двајцата напаѓчи наводно се здобил со повреди на раката и му била укажана лекарска помош на лице место, соопшти полицијата. Нема информации за други повредени, но има значителна штета на објектот.
Во Мелбурн живее најголемата еврејска заедница во земјата, со 54.583 евреи според пописот од 2021 година, соопшти Еврејскиот совет на Австралија (JCA). Сиднеј е на второ место со 47.099 евреи. Во двата града заедно живеат околу 84 проценти од австралиските Евреи. јт/
Фото: ЕПА