• среда, 25 декември 2024

Австралиец нуди патувачка „работа од соништата“ за плата од 35.000 евра

Австралиец нуди патувачка „работа од соништата“ за плата од 35.000 евра

Канбера, 6 септември 2023 (МИА) - Милионерот Метју Лепре од Австралија бара личност која ќе патува со него по светот. За оваа „работа од соништата“, како што многумина ја опишаа, тој нуди плата од околу 52.000 австралиски долари.

Лепре (31) се занимава со трговија на интернет. Тој ја изградил својата деловна империја, откако го напуштил колеџот на 23-годишна возраст. Во рамки на својата работа, често и патува. Поради работните обврски, вели, последниве пет години посетил 30-на земји, па сега бара помошник или помошничка што ќе го придружува на патувањата, пишува „Ледбајбл“ (Ladbible).

- Барам посветена личност која ќе ми помогне во мојот бизнис. Ми треба десна рака којашто ќе ми помогне во патувањето и административните задачи, изјави Лепре.

Може да се пријават и лица без претходно искуство, а конкурсот е отворен за сите кои имаат важечки пасош, кои сакаат да патуваат, педантни се во работата и можат да ја прекинат врската со постојните работни места. Покрај платата и патните трошоци се платени, а помошникот ќе може да ги вози и скапите автомобили на работодавецот.

Заинтересираните за новото работно место може да се пријават преку неговата интернет-страница „Ecom Warrior Academy“.

Пред четири години Лепре објави сличен повик, па тогаш се пријавија околу 70.000 луѓе. На крајот, студентка по мода ја доби работата. Истата година, тој посака и личен фотограф заради попрофесионален Инстаграм-профил, нудејќи плата од 52.000 австралиски долари.  си/

Фото: Инстаграм

Остани поврзан