• понеделник, 23 декември 2024

Авганистан: Според талибанците, жените губат вредност ако нивните лица се видливи за мажите во јавност

Авганистан: Според талибанците, жените губат вредност ако нивните лица се видливи за мажите во јавност

Кабул, 18 август 2023 (МИА) - Портпаролот на талибанското Министерство за ширење доблест и спречување пороците рече дека жените губат вредност ако мажите можат да ги видат нивните лица во јавност, додавајќи дека верските научници во Авганистан се согласуваат дека жените мора да го покриваат лицето надвор од своите домови.

Талибанците, кои дојдоа на власт во Авганистан во август 2021 година, велат дека причината за забранет пристап за жени на повеќето јавни места е затоа што жените не ги почитувале правилата за носење хиџаб.

Портпаролот на талибанското министерство Молви Мохамад Садик Акиф во интервју за Асошиетед прес изјави дека жените, доколку нивните лица се гледаат во јавноста, може да паднат во грев, пренесува Бета.

- Многу е лошо да се гледаат жени без хиџаб во големите градови, а нашите научници исто така се согласуваат дека лицето на жените треба да биде покриено, рече Акиф.

Тим Винтер, предавач по исламски студии на Богословскиот факултет на Универзитетот во Кембриџ, рече дека во исламот нема јасна наредба за покривање на лицето и дека Талибанците ќе мора да се борат да најдат нешто во исламските списи што ќе го поддржи нивното толкување на правилото за хиџаб.

Ограничувањата на талибанците за девојчињата и жените предизвикаа глобален бес, вклучително и во некои земји со мнозинско муслиманско население.

Специјалниот пратеник на ОН Гордон Браун во средата изјави дека Меѓународниот кривичен суд треба да ги гони талибанските водачи за злосторства против човештвото поради негирање образование и вработување на девојчиња и жени од Авганистан.

Акиф одби да одговори на прашања во врска со забраните, вклучително и дали некоја од нив може да биде укината доколку има универзално почитување на правилата за хиџаб. Тој рече дека има и други служби кои се занимаваат со тие прашања.

Портпаролот посочи дека под талибанскиот режим, мажите повеќе не ги вознемируваат жените и не зјапаат во нив како што правеа за време на претходниот режим.

Талибанските власти, исто така, оценија дека го искорениле „злото“ на пиење алкохол и „бача бази“, практика во која богатите или моќните мажи малтретираат момчиња поради забава, особено за танцување и секс. ссм/

фото: архива

Остани поврзан