• сабота, 23 ноември 2024

Аваја ќе учествува самостојно на изборите со кандидати за пратеници Роми во четири изборни единици

Аваја ќе учествува самостојно на изборите со кандидати за пратеници Роми во четири изборни единици

Скопје, 5 април 2024 (МИА) – Листи за изборните единици 3, 4, 5 и 6 со вкупно 80 кандидати за пратеници поднесе Аваја – нова политичка партија која во изминатите години беше граѓанска организација фокусирана на  вклученост на Ромите во државава. Политичката партија е регистрирана на крајот на март и, со слоган „Доста е!“, ќе учествува самостојно на Парламентарните избори 2024. 

Претседателот на партијата Акиф Кариман на прес-конференција денеска соопшти дека имаат изборна програма за пет години, поделена во шест столба за области за кои ќе се залагаат ромската заедница да добие подобри услови и да биде унапредена нивната положба во општеството, уверен дека Аваја (на ромски: Доаѓаме) е „светилник на надеж во оваа неизвесност“. 

-За разлика од другите партии кои нудат индивудуални решенија или нејасни ветувања, кои најчесто остануваат неисполнети, нашата програма е сеопфатна и добро осмислена. Имаме детален план за напредок кој се однесува на целиот опсег на општествени предизвици – од социјална еднаквост до зачленување на нашата земја во Европската Унија. Нашите политики не се засноваат на идеологија или политичка нецелисходност, туку на истражувања и докази... за да осигуриме дека нашите решенија се ефикасни и одржливи... Како партија нудиме визија за единство и соработка, веруваме во зближување на луѓето, надминување на партиските поделби, рече Кариман.

Елвис Мемети, генерален секретар на партијата, очекува по изборите во Собранието да имаат четворица пратеници. Според него, на предложените изборни листи може да се види дека не е одреден потенцијалот на ромските гласачи и затоа настапуваат самостојно.

-За нас тоа е криза во претставничката демократија и доста е. Сакаме да го видиме ромскиот народ на овие избори како рамноправен и слободен народ кој избира свои претставници во Парламентот наместо да чека и да се надева на некои идни индивидуални повластени позиции. Ако никој не води сметка за интересите на ромскиот народ, нема и ние да им служиме на нивните интереси. Немаме друг избор освен да ја создадеме историјата. Бидејќи не се работи само за Аваја, за овој или оној, туку преку еден, двајца, преку четворица избрани ромски пратеници, се работи за сите... Нашата цел  е да ги освоиме симпатиите на народот, Аваја ќе има четворица ромски пратеници од четирите изборни единици, истакна Мемети. 

Соопшти дека во четирите изборни единици за кои до ДИК поднеле независни кандидатски листи за пратеници ќе организираат митинзи, како и средби и настани во 26 локации каде што живеат Роми, а на изборите ќе имаат свои набљудувачи кои ќе го следат изборниот процес. 

Во ИЕ 2, во која припаѓа ромската општина Шуто Оризари немаат кандидат зашто сметаат дека таму веќе има доволно компетиција на Роми кои се на листи на повеќе партии. 

Како што рече Кариман, „добар дел – четири или пет кандидати во ИЕ 2 се од различни листи на поголемите партии и тоа доволно зборува за фрагментираноста на ромскиот електорат“. 

-Одлучивме да не пуштиме листа со 20 ромски кандидати во Втората изборна единица и со тоа да направиме уште поголема фрагментација и со нашето учество да ги намалиме шансите за кој било од оние коишто веќе се кандидати. А некои се со поголеми шанси, некои со помали за да влезат во Парламентот. На тој начин сите би изгубиле, би изгубиле Ромите, а тоа не го сакаме, рече Кариман на прес-конференција на која се обрати и Ќемал Сулејманов, носител на листа во ИЕ4.

Кариман посочи и дека сега не се во фаза да преговараат за коалицирање затоа што, рече, сконцентрирани се да го охрабрат ромскиот народ и да го постават како фактор на политичката сцена. 

Претседателот на Аваја на прес-конференцијата прочита ФБ-статус за кој добил информација дека е на Самка Ибраимовски, во кој лидерот на ПЦЕР, наводно, ги обвинил како „Соросова партија“ и „шпиони на Ромите и ромската политика“, со прашање „каде ги потрошиле милионите евра наменети за Ромите?.

Кариман рече дека тоа е дезинформација, лага,  манипулација и ширење страв и најави дека ќе поднесат  опомена пред тужба за клевета. Дополни и дека кога ќе влезат во Парламентот прва иницијатива ќе им биде преиспитување на финансирањето на политичките партии во изминатите 20 години. хс/нд/

Фото: МИА  

 

 

Остани поврзан