• понеделник, 23 декември 2024

Абдиџику: Нови избори на Косово доколку Курти не ги повлече измените на законот за избори

Абдиџику: Нови избори на Косово доколку Курти не ги повлече измените на законот за избори

Приштина, 2 април 2021 (МИА) – Опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) нема да го поддржи предлогот на владејачкото Движење Самоопределување (ВВ) за избор на Вјоса Османи за нова претседателка на државата, доколку ВВ и нејзиниот лидер, премиерот Албин Курти не го повлечат предлогот за измени на Законот за избори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што порача лидерот на ЛДК, Љумир Абдиџику на прес-конференција вечерва, пред најавената собраниска седница за изборните измени што ги предлага ВВ, со инсистирањето на овие измени на само 11 дена од формирањето на новата влада, Курти ја води државата во нови прламентарни избори.

Предложените измени се однесуваат на начинот на гласање на дијаспората, односно овозможување на гласање на иселениците во дипломатските и конзуларните претставништва на Косово во светот.

Пред ЛДК, на овој денешен предлог на ВВ се спротивставија и другите опозициски партии, како и организации на граѓанското општество, забележувајќи дека такви системски измени не можат да се прават „преку ноќ“ и без пошироки консултации и јавна расправа.

Абдиџику вечерва најави дека, доколку ВВ не се повлече од намерата, пратениците од неговата партија нема да присуствуваат на седницата на која ќе се гласа за нов претседател на државата, што, според моменталната политичка состојба, е услов за успешен избор на нов шеф на државата. Во тој случај, Собранието ќе се распушти и земјата ќе оди на нови прламентарни избори.

- Овој закон треба да биде дел од системска изборна реформа, за што има потреба нашата земја. Со денешните дејствија тие ја исклучија опозицијата од еден реформски процес, кој би требало да биде резултат на соработка со неа. Денешните дејствија се со намера да се упатат закани кон опозицијата. Тоа мнозинство сфати дека не може да се соочи со пандемијата и економијата во земјата и се обидува да се закани со одење на избори, изјави Абдиџику.

Според актуелниот однос на силите во Собранието, што се виде при гласањето за кабинетот на лидерот на ВВ Албин Курти, на 22 март, новата власт моментно може да смета на 66 гласа во 120-члениот законодавен дом – 58 на ВВ и осум на помалите етнички заедници.

За да биде избрана за претседател, според Уставот, на Османи и се потребни 80 гласа, од кои 61 „за“. Тоа значи дека, како што сега стојат работите, на седницата, покрај пратениците на партиите од власта, ќе треба да бидат присутни барем 14 од 15-те пратеници на ЛДК, со оглед дека другите опозициски партии од порано објавија дека не го прифаќат предлогот на ВВ Османи да биде идна претседателка.

Доколку ниеден кандидат во три круга на гласање не ги добие потребните гласови, Собранието се распушта и се распишуваат нови избори.иа/сд/

Остани поврзан