• петок, 05 декември 2025

Абас ќе се придружи на мировниот самит за Газа во Египет

Абас ќе се придружи на мировниот самит за Газа во Египет

Шарм ел Шеик, 13 октомври 2025 (МИА) - Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска ќе отпатува во египетското одморалиште Шарм ел Шеик на мировниот самит за Газа, објави канцеларијата на египетскиот претседател.

Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, ќе дојде во Египет откако се обрати пред членовите на израелскиот парламент, Кнесетот, во Ерусалим и се сретна со семејствата на заложниците.

Трамп и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси ќе бидат копретседатели на самитот во египетското одморалиште на Црвеното Море, на кој ќе учествуваат речиси 20 светски лидери за да разговараат за мировниот процес во Газа.

Палестинската милитантна организација Хамас нема да биде претставена на самитот.

Абас ги предводи Палестинската самоуправа (ПА) и движењето Фатах, кое е ривал на Хамас.

Хамас го избрка Фатах од Појасот Газа во крвавиот конфликт во 2007 година и оттогаш, Абас де факто управува само со Западниот Брег.

Израел досега ја отфрлаше идејата Палестинската самоуправа да владее во Газа.

Мировниот план на Трамп од 20 точки, кој тој го претстави на 29 септември заедно со Нетанјаху во Белата куќа, вклучува прекин на огнот што стапи на сила во петокот и размена на живи и мртви заложници што ги држи Хамас во замена за Палестинци во израелските затвори.

Планот, исто така, предвидува постепено повлекување на израелските сили од Газа и целосно разоружување на Хамас, услов што милитантната група досега јавно не го прифати.

Според планот, Газа ќе биде управувана од технократски одбор составен од Палестинци и меѓународни експерти, надгледуван од „мировен одбор“ предводен од Трамп.

Денеска, во раните утрински часови, 20-те преостанати живи заложници што ги држеше Хамас во Појасот Газа се вратија во Израел.

За возврат, Израел ослободи околу 1.900 притворени Палестинци, од кои одлучи денеска да депортира околу 150, а останатите да ги врати во Газа.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан