• сабота, 21 декември 2024

Абазовиќ: Шест лица осомничени за ископаниот тунел, а камионот е пронајден

Абазовиќ: Шест лица осомничени за ископаниот тунел, а камионот е пронајден

Подгорица, 13 септември 2023 (МИА) - Премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ изјави дека шест лица се осомничени дека ископале тунел под Вишиот суд, а возилото кое го користеле за обивање на судското депо е пронајдено.

Неверојатно е дека Вишиот суд не можел да постави камера во депото, чини околу сто евра, мислам, да има видео надзор. Депото изгледа како од рубриката Верувате или не. Архивата во Врховното обвинителство изгледа исто, голем институционален проблем“, изјави Абазовиќ за РТЦГ.

Депото на Вишиот суд во Подгорица е урнато и до него е ископан тунел, чиј почеток е во стан на соседна зграда, што се наоѓа спроти споредната зграда на судот, во центарот на Подгорица.

Зградата на Вишиот суд беше во реконструкција во последните месеци, а тој дел од Подгорица е вмрежен со тунели од претходниот период. Во депото биле чувани документи од истраги, материјали одземени при увид и значително количество дрога запленета при полициски акции. Тунелот го откриле судски службеници кога почувствувале провев.

Бирото за оперативна координација на органите на разузнавачкиот и безбедносниот сектор (БОК) денеска соопшти дека ова е најопасниот напад врз државните институции и правосудниот систем.

Во депото на судот, според локалните медиуми, имало повеќе од девет тони дрога, 400 парчиња оружје, муниција, експлозиви и документи.

Иако Подгорица е поврзана со подземни тунели, за да стигнат до просториите на судот, сторителите морале да ископаат и да пробијат ѕидови со дебелина од 70 до 80 сантиметри, изјави претседателот на Вишиот суд Борис Савиќ.

- Имаме сомневање дека целта бил лесен пристап до судот и до притворската соба, бидејќи се наоѓа во непосредна близина на просторијата за притвор, рече Савиќ. Тој ги демантираше информациите дека недостасува некој од документите во депото на судот.

Но, со тоа не се согласува шефот на црногорската полициска управа, Никола Терзиќ.

- За разлика од претседателот на Вишиот суд, кој рече дека речиси ниту еден доказ од депото не недостасува, мислам дека никој не вложил толку труд и напор заради рекреација, иако би сакал да е во право, а јас да грешам. Стравувам дека вистината ќе биде поинаква, рече Терзиќ.

Тој потенцираше дека полицијата прави се за да го расветли овој случај. ссм/

фото: Фејсбук страна на Дритан Абазовиќ

Остани поврзан