• сабота, 23 ноември 2024

 Четири лица егзекутирани во Иран поради продажба на смртоносен алкохол

 Четири лица егзекутирани во Иран поради продажба на смртоносен алкохол

Техеран, 23 октомври 2024 (МИА) - Четири лица се егзекутирани во Иран поради производство и продажба на смртоносен алкохол, соопштија денеска иранските судски власти, пренесе ДПА.

Според властите, тие се осудени за производство и продажба на контаминиран алкохол кој предизвика смрт на 17 лица.

Повеќе од 190 лица беа хоспитализирани со сериозни симптоми на труење во Северен Иран претходно овој месец. Некои медиуми првично известија за 26 смртни случаи.

Судските власти објавија дека осудените биле обесени во централниот затвор во Караџ, западно од Техеран.

Консумирањето алкохол е строго забрането во Исламската Република, што значи дека Иранците мораат да купуваат алкохол на црниот пазар или да го произведуваат сами.

Ова носи многу ризици, бидејќи неправилната дестилација може да предизвика контаминација на домашниот алкохол со метанол, токсично соединение кое може да предизвика слепило или смрт. Такви случаи се пријавени повеќепати во Иран во последните години.  ссм/

фото: архива

Остани поврзан