• понеделник, 23 декември 2024

 Кондовски: Општината мора да работи во интерес на граѓанинот 

 Кондовски: Општината мора да работи во интерес на граѓанинот 
Скопје, 29 октомври 2021 (МИА) - Битола е град со огромен неискористен потенцијал. Можеби досега немало доволно храброст за крупни потези и визија, во какво место сакаме да го претвориме нашиот дом. Имам идеи со кои заедно ќе го направиме ова преубаво парче земја на југозападот од нашата Македонија, многу подобро место за живеење. Општина во која вреди да живееш, да работиш и создаваш, тука да твориш и да основаш семејство, спокојно да старееш. Битола ќе ја направиме град на иднината. Ова е завршна предизборна порака пред настапувањето на молкот упатена вечерва преку видеообраќање до битолчани, од кандидатот за градоначалник на Општина Битола од СДСМ и коалицијата, Христо Кондовски. Тој вети дека Битола ќе прерасне во чист и раздвижен регионален центар, економски развиен, урбанистички современ и инфраструктурно обновен. - Привлечна туристичка дестинација, која пулсира во духот на културата и забавата. Град полн со живот.., оти животот е само еден и нема реприза. Битола во која спортот и рекреацијата се животен стил, а спортските клубови се национална гордост. Како? Еве вака... Првенствено Битола мора да добие нов ГУП и ДУП-ови кои ќе го ослободат развојниот потенцијал. Тоа значи дека точно ќе знаеш каде и што можеш да градиш и развиваш, без да минуваат години, вели Кондовски. Додава дека општинскиот развој во голема мера е условен од административниот застој. - Колку месеци, ако не и години се чека да се донесе нов ДУП. За колку време се добива одобрение за градење? Колку брзо се решаваат предметите за легализација? Одговорот го знаеме сите, а тоа мора да се промени. Најавувам нов систем на работа кој ќе резултира со брзо решавање на секој поднесен предмет во општината, без задоцнување. Општината мора да работи во интерес на граѓанинот, затоа што таа постои за него, а не обратно, рече Кондовски. Вети дека Битола ќе стане хуман град кој преку модерен сообраќаен развој, наместо автомобилите, во фокусот го става човекот. - Битола ќе прерасне во град по мерка на човекот и на планот на зелената агенда, каде зелените содржини се зголемуваат, а гасификацијата и топлификацијата се веќе на пат. И не само тоа. Потребни се сериозни чекори – подземна сообраќајница со подземна гаража, велосипедска патека, инфраструктурна обнова во иднустрискиот дел на градот, технолошки парк за развој на иновативни бизнис идеи, грандиозен спортски и модерен ски центар, модернизирана и проширена зоолошка градина на Тумбекафе, истакна Кондовски. Додаде дека ова и уште многу повеќе, содржано во неговата визија, е потребно за Битола да стане велеград. Посочи дека најпродуктивните години од неговиот живот сака да ги посвети во изградба на иднината во која живееме ние, а уште долго, подвлекува, ќе живеат нашите деца и внуци. Тој ги повика гласачите масовно и обединети во недела да излезат и да го дадат својот глас за прогресот на Битола. цр/хс/

Остани поврзан