„Боите на Свети Трифун низ делата на ликовните уметници“, традиционална изложба во Музеј галерија - Кавадарци
- Оваа изложба се одржува повеќе од 35 години и претставува жив сведок на културниот континуитет на Кавадарци. Таа е огледало на нашиот идентитет, на винската традиција, на духовноста и на љубовта кон уметноста. Во изминатите три години, изложбата доби целосно променет и современ концепт со нов пристап, нова енергија и проширена уметничка перспектива, но, со истата почит кон традицијата и значењето на Свети Трифун како заштитник на лозарите и виното, рече директорот Јаким Зимоски.
Кавадарци, 14 февруари 2026 (МИА) - „Боите на Свети Трифун низ делата на ликовните уметници“ е насловена традиционалната изложба што синоќа беше отворена во Музеј галерија - Кавадарци.
- Оваа изложба се одржува повеќе од 35 години и претставува жив сведок на културниот континуитет на Кавадарци. Таа е огледало на нашиот идентитет, на винската традиција, на духовноста и на љубовта кон уметноста. Во изминатите три години, изложбата доби целосно променет и современ концепт со нов пристап, нова енергија и проширена уметничка перспектива, но, со истата почит кон традицијата и значењето на Свети Трифун како заштитник на лозарите и виното, рече директорот Јаким Зимоски.
Тој изрази благодарност до локалната самоуправа за континуираната поддршка и покровителство.
- Без нивната визија и посветеност кон културата, вакви настани не би биле возможни. Голема благодарност и до спонзорите, кои со својата поддршка уште еднаш покажуваат дека културата и традицијата се вредности што заеднички ги негуваме. Благодарност и до сите уметници кои со своите дела ја раскажуваат приказната за Свети Трифун низ боја, форма и лична визија. Токму вие ја правите оваа изложба жива, современа и значајна, истакна Зимоски.
Трајче Цветков, виш кустос историчар на уметност при Музејот, појасни дека своите дела ги претставуваат 35 автори, сликари и вајари, обединети околу заедничка инспирација, но, изразени преку различни естетски пристапи и форми.
- Оваа изложба носи во себе симболика што длабоко во себе е поврзана со уметничкото творештво. Како што лозата бара грижа, трпение и посветеност, така и уметничката визија бара духовна зрелост, истрајност и искрена внатрешна потреба за изразување. Пред нас се дела реализирани во различни техники од класично и современо сликарство, преку експериментални ликовни пристапи, до скулптурални форми што го освојуваат просторот со својата пластична експресија, истакна Цветков.
Тој нагласи дека разновидноста на правците од експресионизам и апстракција, па до симболички изрази, сведочи за богатството на современата ликовна сцена и за индивидуалните креативни патишта на авторите.
- Она што ги обединува овие дела не е стилската хомогеност, туку заедничката потреба за визуелна комуникација, стремежот преку боја, форма, линија и волумен да се проговори за човекот, природата, традицијата и современоста. Во таа смисла, изложбата претставува разговор не само помеѓу различните автори, туку и помеѓу делото и гледачот, помеѓу индивидуалното доживување и колективното културно паметење, подвлече тој.
Цветков додаде дека особено значајно е што оваа манифестација ја афирмира заедничката креативна енергија и ја потврдува улогата на уметноста како духовен простор на слобода, критичка мисла и естетско преиспитување.
- Во време на динамични општествени промени, токму уметноста останува трајна вредност што поврзува, инспирира и потсетува на суштинските човечки и културни вредности, рече тој.
Притоа им се заблагодари на сите автори за нивниот придонес, посветеност и креативна зрелост и им посака уште многу успешни творечки циклуси.

Пред присутните се обрати и претседателот на Совет на Општина Кавадарци, доктор Стојанче Рамов.
- Без разлика на политичка ориентација, сите советници во Советот се единствени кога станува збор за здравство, образование, култура, подвлече Рамов. свд/аа/
Фото: МИА