„Женско писмо“, изложба на дела од ликовни уметници - жени во Кавадарци
- „Женско писмо“, е насловена изложбата на дела од ликовни уметници - жени, што вечерва беше отворена во Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци, по повод меѓународниот ден на жената, 8 Март. Со свои уметнички творби се претставуваат 27 талентирани жени, од целата држава.
Кавадарци, 5 март 2026 (МИА) - „Женско писмо“, е насловена изложбата на дела од ликовни уметници - жени, што вечерва беше отворена во Домот на културата „Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци, по повод меѓународниот ден на жената, 8 Март. Со свои уметнички творби се претставуваат 27 талентирани жени, од целата држава.
Марина Убавкова, стручен соработник за визуелни уметности и куратор на изложбата, рече дека изложбата претставува концептуална платформа за афирмација на женската креативност, уметничка автономија и современиот визуелен израз.
- Замислена како простор на видливост и културен дијалог, изложбата го поставува женскиот глас како значајна и автентична визуелна артикулација во современата уметничка практика. Во овој контекст, уметноста се појавува како поле на лична и колективна еманципација, медиум преку кој се отвораат и преиспитуваат теми поврзани со идентитетот, меморијата, телото, културата и динамиката на современите општествени процеси, истакна таа.
Убавкова нагласи дека преку различни уметнички медиуми и индивидуални поетики, делата воспоставуваат суптилен визуелен дијалог за женското искуство, чувствителноста и творечката енергија.
- Личните приказни, симболичните мотиви и визуелните наративи создаваат простор за размислување за позицијата на жената во културниот и општествениот контекст, истовремено отворајќи можности за нови интерпретации и читања на женскиот уметнички израз, подвлече Убавкова.
Пред присутните се обрати и директорот на културниот дом, Методи Глигоров.
Во своето обраќање, Јулијана Туриманџова, потсети дека изложбата се реализира по трет пат, а започнала на нејзина иницијатива.
На сите жени, ликовни уметници, им беа доделени благодарници за учество во настанот. свд/вј/
Фото: МИА