Од трибина во Прилеп земјоделците бараат ревидирање на годинашнава програма и субвенционирање на производството според програмата од 2025 година
- Земјоделците од повеќе здруженија во земјава и од Националната земјоделска мрежа не отстапуваат од барањата за ревидирање на годинашнава програма за директни плаќања во земјоделството и бараат да се врати субвенционирањето според програмата од 2025 година. Ова, меѓу другото беше изнесено на денешниот состанок на производителите во Прилеп.
Прилеп, 5 март 2026 (МИА) - Земјоделците од повеќе здруженија во земјава и од Националната земјоделска мрежа не отстапуваат од барањата за ревидирање на годинашнава програма за директни плаќања во земјоделството и бараат да се врати субвенционирањето според програмата од 2025 година. Ова, меѓу другото беше изнесено на денешниот состанок на производителите во Прилеп.
Според Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа, барањата писмено ќе бидат доставени до надлежните институции. Ова е втора земјоделска средба, трибина, што се прави во Прилеп.

-Главниот проблем ни е годинашнава програма, односно програмата за директни плаќања. Ние искажавме несогласување со програмата. За жал, досега немаме реакција од надлежните дека нешто може да се промени или измени. Ние баравме да се измени програмата за 2026 година, да се коригира и да остане да важи програмата од 2025 година. Не се согласуваме со условеното субвенционирање, зашто имаме голем дел од земјоделците, особено помалите, кои не може да ги задоволат критериумите. Министерот за земјоделство изјави дека ќе има некаков транзиционен период од две до три години, меѓутоа досега нема одлука на Влада за измена и дополнување на програмата за 2026 година, изјави Каракашев.
Според Борче Бучески од здружението „Пелагониско поле“ од Битола голем проблем имаат сточарите кои бараат да се врати субвенционирањето по грло.
-Има проблем со субвенционирањето, конкретно, во сточарството. Заврши и 2025 година, а немаме субвенционирана исплата. Бараме во рок од еден месец да бидат исплатени субвенциите по грло во сточарството, а за три-четири дена и исплата на субвенции од седум-месеци од лани. Бараме да се врати старата програма за субвенционирање по грло, вели Бучески.

За земјоделците, неправда има и во поледелството. Есенската, а и пролетната сеидба ќе поминат без државна помош, а македонското земјоделство без таа поддршка не може да опстои.
-Многу голем проблем се заостанатите субвенции. Македонското земјоделство не може да опстане без финансиската помош од државата. Цените се ниски, имаме увоз. Најголем проблем е дека се прави програма, а нас, земјоделците, не нѐ консултира никој. Во секоја ставка од програмата има грешка. Затоа, бараме програмата за оваа година да се тргне настрана и да се субвенционираме според програмата од 2025 година. Од тоа не отстапуваме, вели Миле Кебакоски од здружението „Фармер југозапад“.
Земјоделците своите барања писмено ќе ги достават до надлежните државни институции.ем/вј/
Фото: МИА